Флорида се подготвува за ураганот Милтон

Невремето се очекува да ја погоди државата подоцна оваа недела, доаѓајќи веднаш по разорниот ураган Хелен.

Југоисточната американска држава Флорида се подготвува за најголемата евакуација од 2017 година, бидејќи ураганот Милтон се засили во Мексиканскиот Залив на својот пат кон западниот брег на Флорида, доаѓајќи веднаш по разорниот ураган Хелен.

Американскиот национален центар за урагани со седиште во Мајами вели дека Милтон, кој се засили од тропската бура во неделата, се предвидува да падне на копно во среда наутро, најверојатно во близина на пренаселената област - заливот Тампа.

Новиот ураган има потенцијал да ги погоди областите кои веќе беа тешко погодени од Хелен, која падна на копно посеверно на брегот на 26 септември.

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, прогласи 51 од 67 окрузи во државата во вонредна состојба, предвидувајќи дека Милтон би можел да има „големи влијанија“, со бранови на бура до шест метри.

„Ако сте некој што се наоѓа во многу ранлив дел на западниот брег на Флорида што би бил подложен на бура, сигурно можете да заминете сега. Не треба да чекате да добиете наредба за евакуација“, им рече ДеСантис на новинарите во неделата.

Околу 7 милиони луѓе беа повикани во 2017 година да ја евакуираат Флорида за време на ураганот Ирма. Егзодусот ги заглави автопатите и доведе до повеќечасовни колони на бензинските пумпи.

Тоа, исто така, ги остави евакуираните фрустрирани и, во некои случаи, ветија дека никогаш повеќе нема да се евакуираат.

Надоврзувајќи се на лекциите научени од претходните бури, Флорида поставува итни станици за гориво и полнење за електрични возила долж рутите за евакуација.