Претседателот Барак Обама го осуди нападот врз двајца полицајци во Фергусон, сојузната држава Мисури коишто беа ранети од огнено оружје. Тој рече дека нема оправдување за нападот во гратчето кадешто владее расна напнатост, како и дека нападот „не треба да го сврти вниманието од проблемот“.
Претходно, инцидентот го осуди главниот правобранител Ерик Холдер, нарекувајќи го чиста заседа, а извршителот – никаквец којшто сакал да го поткопа напредокот кон смирување на ситуацијата во Фергусон.
Двајцата полицајци во меѓувреме се пуштени на домашно лекување. Едниот беше погоден во рамото, а другиот во главата ноќта меѓу средата и четвртокот, во време кога лицата на протестот пред полициската станица само што почнаа да заминуваат од него. Полицајците беа повредени само неколку часа откако командирот на полицијата во градот даде оставка, како последица на извештајот на владиниот Оддел за правда дека имало расни предрасуди во нејзиното работење.
Според сведоци, истрелите навидум дошле од височинка наспроти полициската станица. Новинската агенција Ројтерс јави дека во врска со инцидентот, полицијата извршила рација во еден дом во предградие на Сент Луис, во непосредна близина на Фергусон.
Пред седум месеци, во гратчето избија протести и нереди врз расна основа откако полицаецот - белец Дарен Вилсон го застрела невооружениот тинејџер - црнец Мајкл Браун за време на улична конфронтација.