Дезинформациите за коронавирусот на многу начини се поопасни од самиот вирус, предупреди гувернерот на Њујорк

Јасните информации од медиумите, здравствените работници и од официјалните лица, се неопходни во справување со вирусот, рече тој

Гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо, предупреди дека дезинформациите поврзани со коронавирусот на многу начини се пострашни од самиот вирус.

„Има дезинформации, страв и паника, што е заразно исто колку и вирусот“, изјави гувренерот, додавајќи дека властите треба да се справуваат со двете работи истовремено.

Тој нагласи дека јасните информации од медиумите, здравствените работници и од официјалните лица, се неопходни во напорите за намалување и спречување на потенцијално смртоносниот вирус.

До денес, сојузната држава Њујорк има речиси 7.600 потврдени случаи на коронавирус, додека градот Њујорк има најголема концентрација на позитивни случаи, односно 3.337.

Њујоршкиот гувернер предупреди дека бројот на заразени ќе се зголемува поради зголеменото тестирање, од 200 на ден на почетокот, до 7.500 тестови на ден сега.

„Има илјадници и илјадници луѓе кои го носат вирусот, а кои не се тестирани“, рече Куомо, кој ги зголеми рестрикциите за движење на граѓаните, барајќи 75 отсто од вработените да работат од дома.

Од ваквата наредба се изземени неопходните служби, како продавниците за храна, аптеките и компаниите за испорака.