Фејсбук објави дека ќе инвестира 300 милиони долари во текот на три години за да го промовира новинарството и локалното информирање. Ваквата најава следи по честите критики дека оваа социјална мрежа е извор на лажни вести.
Фејсбук соопшти дека на овој начин ќе се зајакнат ресурсите за информирање во заедницата, при што е предвидено вклучување на 1.000 новинари во локалните редакции.
Парите ќе бидат искористени за истражување за тоа како да се користи технологијата за да се подобри прибирањето на вести, како и со цел медиумите да се стекнат со знаења со кои ќе ги подобрат нивните бизнис модели.
Илјадници новинари ја загубија работата во последните години, бидејќи многу медиуми не можеа да го надоместат изгубеното рекламирање. Публиката се заврте кон интернетот, така што весниците и списанијата веќе немаат приходи од реклами како некогаш.
Во меѓувреме милиони луѓе се свртеа кон Фејсбук. Но, социјалната мрежи се најде на удар на остри критики поради тоа што некои корисници објавуваат лажни политички информации или шират говор на омраза, а компанијата првично не прави многу за да го спречи тоа.
Објавувајќи ги грантовите за новинарство за шест организации за промоција на локални вести, Кембел Браун, потпретседател на Фејсбук за глобални вести рече: „Ќе продолжиме да се бориме со лажните вести и дезинформации. Но, исто така имаме можност и одговорност да им помогнеме на локалните новински организации да растат и да напредуваат“.