По вчерашното сведочење пред двата панели во Сенатот, извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг денес се враќа на Капитол хил за да одговори на други прашања пред Комисијата на Претставничкиот дом, поврзани со транспарентноста и приватноста на корисниците на социјалната мрежа.
Законодавците сакаат подобра заштита по протекувањето на податоци од десетици милиони корисници.
Цукерберг беше повикан да сведочи по сознанието дека без нивно знаење личните податоци на милиони корисници на Фејсбук биле користени од страна на Кембриџ Аналитика, британска компанија за профилирање на гласачи, која беше ангажирана од страна на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп во 2016-та година.
Цукерберг ги наведе подобрувањата на Фејсбук по изборите во Европа и тука во САД.
„Имам голема доверба дека ќе го поправиме ова, бидејќи по изборите во 2016-та година во светот имаше неколку важни избори, каде што имаме подобро постигнување. Француските претседателски избори, германски избори, минатата година имавме избори за испразнетото место во американскиот Сенат, од сојузната држава Алабама.“
Сенаторката Дајан Фајнстајн запраша што е подобрено.
„Ние распоредивме нови алатки за вештачка интелигенција кои вршат подобра идентификација на лажни профили, кои можеби се обидуваат да се мешаат во изборите или да шират дезинформации. Помеѓу овие три избори бевме во можност проактивно да ги отстраниме десетици илјади профили пред тие да можат да придонесат значителна штета.“
Но, Цукерберг потврди дека Русија останува ризик во обидот да ги искористи Фејсбук и другите интернет системи, нарекувајќи го предизвикот со трката во вооружување.
Законодавците во блиска иднина ветија дека ќе одржат одделни сослушувања кои ќе се фокусираат на Кембриџ Аналитика.