Епл, Амазон, Фејсбук и Гугл ги негираат обвинувањата за цензура на конзервативни ставови

Извршните директори на четирите технолошки гиганти сведочеа во Конгресот за наводни штетни пазарни практики

Извршните директори на четирите технолошки гиганти Епл, Амазон, Фејсбук и Гугл, се бранеа во Конгресот по обвинувањата за доминантна конкуренција, кражба на идеи и цензура на конзеравитивни политички ставови.

Тие сведочеа во Конгресот, кој води истрага за нивните компании, чија заедничка пазарна вредност се проценува пет трилиони долари.

„Многу од практиките на овие компании имаат штетни економски ефекти. Тие го обесхрабруваат претприемништвото, уништуваат работни места, ја зголемуваат цената и го деградираат квалитетот. Едноставно, имаат преголема моќ“, изјави демократскиот конгресмен Дејвид Сисилајн.

Директорот на Амазон Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, ги бранеше практиките за онлајн продажба и доминантна пазрана распределба, велејќи дека 80 отсто од Американците генерално имаат позитивна перцепција за Амазон.

„Сега 1,7 милиони мали и средни бизниси продаваат на Амазон. Довербата на муштериите му дозволи на Амазон да отвори повеќе работни места во САД изминатава деценија, повеќе од која било друга држава“, изјави Безос пред конгресмените.

Тој ги негираше обвинувањата за намерна кражба на информации од неговите онлајн продавачи, со цел да произведе негови продукти и директно да се натпреварува со нив.

И Гугл ги негираше обвинувањата за кражба од други бизниси, конкретно од Јелп, веб-страница за критики на муштериите.

Републиканскиот конгресмен Џим Џордан од Охајо, ги обвини технолошките компании, меѓу кои Твитер и Фејсбук, за политика против конзервативните гласови.

„Не е добро да се цензурираат луѓе, конзервативци, и да се обидуваат да влијаат врз избори“, рече тој.

Компаниите ги отфрлија обвинувањата за цензура и манипулација со гласачите во САД.