Фармацевтските компании „Фајзер“ и „БиоНтек“ најавија дека склучиле договор со Европската комисија за уште 200 милиони дози на вакцина против коронавирус, со опција да се купат дополнителни 100 милиони дози.
Компаниите изјавија дека договорот е дополнување на договорот потпишан со ЕУ минатата година за 300 милиони дози во текот на 2021 година.
Дополнителните дози се очекува да бидат испратени во 2021 година, со очекувани 75 милиони во вториот квартал.
Вклучувајќи ги можните 100 милиони дози, ЕУ сега потенцијално има складирано 600 милиони дози за употреба оваа година.
Некои ЕУ членки реагираа на бавната дистрибуција на вакцините против ковид-19.
Минатата недела, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се извини за некои од одлуките кои допринеле за доцнење, но, не жали оти зеле дополнително време да осигураат дека вакцините се безбедни и сигурни за употреба пред нивното одобрување.
Покрај вакцината на Фајзер-БиоНтек, Европската агенција за лекови дозволи итна употреба и на вакцините на „Модерна“ и „АстраЗенека“.