Еврото на 1 јануари полни 20 години, низ кои преживеа бурни периоди и стана валута број два во светот.
По 20 години еврото е важен дел од финансиските пазари, иако заостанува зад доларот, кој доминира на светскиот пазар.
Еврото преживеа неколку поголеми премрежја, вклучувајќи ги и потешкотиите во периодот на неговото пуштање во оптек, финансиската криза во 2008 и должничката криза во еврозоната која кулминираше со интервенционизам во неколку држави.
Овие кризи беа тест за единството на еврозоната, односно тест за 19-те членки на Унијата кои го користат. Додека некои аналитичари сметаат дека превирањата и издржливоста на еврото ја зајакнаа валутата и ја направија помалку подложна на идни проблеми, други забележуваат дека еврото ќе остане ранливо без натамошна интеграција.
Еврото постои од 1 јануари 1999 година, создадено да се користи првично како виртуелна валута во финансиските трансакции. Валутата стигна во новчаниците на европјаните дури три години подоцна кога беа воведени првите евро-банкноти и монети.
Во тоа време, само 11 членки на ЕУ ја користеа валутата.
Денеска оваа валута ја користат 340 милиони луѓе во 19 држави во ЕУ и тоа: Австрија, Белгија, Кипар, Естонија, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Португалија, Словачка, Словенија и Шпанија.
Другите членки на ЕУ за да го користат еврото треба да ги исполнат предвидените монетарни услови.
Во истражување на Европската централна банка, спроведено во ноември, 64 проценти од испитаниците во еврозоната рекле дека еврото било добра работа за нивната земја. Речиси три четвртини од испитаниците рекле дека еврото било добра работа за Европа.
Само во Литванија и Кипар мнозинството смета дека еврото било лошо за нивната нација.
Најголем предизвик за еврото беше 2008 година, кога должничката криза во еврозоната кулминираше со интервенционизам во неколку држави.
Десетици милијарди евра ѝм беа позајмени на Грција, Ирска, Португалија, Кипар и Шпанија.
Превирањата исто така го нагласија економскиот диспаритет меѓу земјите членки, посебно помеѓу побогатиот север и задолжените јужни нации. Посиромашните земји ги искусија и предностите и недостатоците од тоа што се дел од еврозоната.
Сепак, еврото ја преживеа финансиската криза преку комбинација од чекори од страна на ЕЦБ кои вклучуваа негативни каматни стапки, трилиони евра во вид на евтини заеми на банките и купување на повеќе од 2,6 трилиони евра во вид на државни и корпоративни обврзници.
Претседателот на ЕЦБ Марио Драги беше заслужен за спасувањето на еврото во 2012 година, кога рече дека банката ќе направи „што и да е потребно“ за да ја зачува валутата.
Некои експерти сметаат дека флексибилноста на банката докажува дека таа е способна да ги преброди финансиските предизвици, при што превирањата во изминатите две децении ја направија ЕЦБ поспособна да може да се справи со идните кризи.
Меѓутоа, други експерти сметаат дека 19-те членки не направиле доволно за да ги спроведат политичките реформи потребни земјите подобро да работат заедно на фискалната политика и да се подготват за идните кризи.
Предлозите за поголема координација, вклучувајќи ја и банкарската унија во еврозоната, како и буџетот за еврозоната, сè уште се во фаза на планирање.