„Јас имам предлог. Додека ја подготвуваме следната стратешка агенда на ЕУ, мора да си поставиме јасна цел. Верувам дека мора да бидеме подготвени – од двете страни – до 2030 година за проширување“, рече Шарл Мишел, претседател на европскиот совет.
Your browser doesn’t support HTML5
Ваквата оптимистичка најава на првиот човек на Европскиот совет за динамиката во идното проширување на ЕУ не се рефлектираше и на домашната политичка сцена на која евроинтеграциите, условени од уставните измени, се главната тема во меѓу партискиот дијалог. Неочекуваната доза на искреност на Шарл Мишел на Бледскиот стратешки форум, проследена со временска рамка – 2030, година која како таргет за зачленување си ја има поставено и владата на Димитар Ковачевски, во Скопје, мнозинството и опозицијата, ја перципираат различно. За власта, настапот на Мишел е пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето.
„За првпат после претходното проширување имаме временска одредница која што официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување. Тоа е многу важен сигнал од ЕУ што ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега, оваа година, сите напори за кои што ни велат дека брзаме, се оправдани и и сакаме да го фатиме возот, да ја фатиме оваа можност што ни се дава“, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.
За разлика од него, опозицијата е многу повнимателна и поскептична во изјавите што доаѓаат од првите луѓе во Брисел. ВМРО-ДПМНЕ не верува во ваквите прогнози, како што е последната, испорачана од Шарл Мишел на Бледскиот форум.
„Од една страна ја имаме оваа изјава, а од друга страна имаме изјава од Макрон кој вели дека ЕУ прво треба да се реформира па потоа да прима нови членки. Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема никакви гаранции дека дури и да се направат овие отстапки Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешка на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања кои сега не може да ги исполни“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти стравувањата на опозицијата, меѓународната заедница уверува дека земјава ништо не загрозува со уставните измени и истовреме порачува дека сега е моментот кој Северна Македонија не треба да се пропушти. За ова прашање денеска во Прага разговарале чешкиот и македонскиот претседател.
„Согласни сме дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, како и неговиот демократски развој, зависат од неговата европска перспектива, што е причина повеќе Европската Унија да го зголеми своето присуство во нашиот регион за да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување“, рече претседателот Стево Пендаровски.
И ЕУ и САД се јасни дека сега е моментот што треба да се искористи и дека тоа зависи исклучиво од политичарите во земјава. Заменикот-помошник државен секретар Габриел Ескобар, на средбите во Скопје ги изнел очекувањата на Вашингтон дека, ќе се донесе одлука за продолжување на евроинтеграциите зашто, како што изјави, „на Европа и на Америка и треба Северна Македонија внатре во ЕУ“.