ЕУ со сомнежи за прилив на нелегални руски пари во Сан Марино

Your browser doesn’t support HTML5

Регулаторите на Европската унија изразија загриженост дека Сан Марино обезбува задна врата во ЕУ за нелегални пари од Русија. Официјалните лица во Сан Марино го негираат тоа. Известува Хенри Вилкинс. .

Ала Кусине прави вградени кујни во Сан Марино, мала суверена држава опкружена со Италија. Генералниот директор Лоренцо Аркангели вели дека компанијата се радува на стекнувањето целосен пристап до профитабилниот пазар на Европската унија. Но, засега, продажбата на клиенти во ЕУ вклучува справување со дополнителна бирократија.

„Тоа има дополнителни трошоци и според тоа, клиентот го смета тоа за пречка и нашата компанијата смета дека тоа е проблем. Објаснување на документацијата на европскиот клиент не е толку лесно“, вели Аркангели.

Производителите на Сан Марино треба да добијат пристап до единствениот пазар на ЕУ, според договорот што би можел да стапи на сила до крајот на годината. Но, нејзините финансиски институции се исклучени од договорот.

Сан Марино е оптоварен од извештаите на западните медиуми за неговите врски со Русија. Официјални претставници на ЕУ, исто така, изразија загриженост поради неуспехот на земјата да воведе одредени стандарди на финансиска регулатива, и тоа би можело да отвори задна врата за нелегалните руски пари во ЕУ.

Во април, „Економист“ го опиша односот на Сан Марино со Русија како „алармантно пријателски“ и „невообичаен“. Откри дека земјата го именувала Емануел Гоут, Французин со долгогодишни врски со Кремљ, како негов амбасадор, кој не го пријавил двојно руско државјанство.

Официјален претставник на Сан Марино изјави за Гласот на Америка дека нема вистина во написот.

„Не само што беше неточно, туку и обидот да се продаде приказна. Кој го нарача тоа? Тоа не е добро за Сан Марино, со оглед на сомнежите што се шират наоколу“, изјави Маурицио Брагани, конзул на Сан Марино во Британија.

Написот на „Економист“, исто така, забележа дека почесен конзул на Сан Марино во Москва до февруари беше Владимир Лисин, третиот најбогат граѓанин на Русија, според Форбс. Како одговор на коментарите на Брагањи за Гласот на Америка, уредникот на „Економист“ за Европа рече дека тие „стојат зад нивното известување“.

Раскинувајќи со својата традиционална политика на неутралност, Сан Марино гласаше за ја осуди руската инвазија на Украина во ОН во март 2022 година.

Дмитриј Потапенко, руски економист и политичар, вели дека односите меѓу Сан Марино и Москва оттогаш се затегнати.

„Има промени во односите коишто се напнати. Дали тие стануваат понапнати и дали Руската Федерација ќе го искористи Сан Марино за да ги заобиколи санкциите? Јас не мислам така“, посочува Потапенко.

Но, аналитичарите велат дека банкарските власти на ЕУ имаат добра причина да го испитаат интересот на Сан Марино за зголемен пристап до финансискиот сектор на Унијата.

„Ако ЕУ алармираше, тоа е многу сериозно, и тие го направија со соодветно внимание. Можеби ова е невообичаено за лидерите на Сан Марино да чувствуваат ваков притисок затоа што можеби не добиваат толку големо внимание на глобално ниво за овие прашања“, вели Џонатан Катц од Институцијата „Брукингс“.

Во меѓувреме, производствените бизниси како Аркангели со нетрпение ја очекуваат можноста од стекнување целосен пристап до пазарот на ЕУ. Друга европска микро-држава, Монако, се откажа од слични преговори со ЕУ минатата година, откако регулаторите изразија загриженост за нејзините финансиски практики.