Извршниот огранок на Европската унија, презеде дисциплинска мерка спрема Полска, којашто е без преседан, тврдејќи дека контроверзните реформи во правосудството на Варшава, ја подриваат независноста на полските судови.
Потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс, за новинарите во Брисел изјави дека 13 закони усвоени во Полска изминативе две години, создале ситуација во која владејачкото мнозинство „може систематски политички да се меша во композицијата, овластувањата, администрацијата и функционирањето“ на правосудните власти.
Тој рече дека „владеењето на правото е под закана“ во Полска, со непочитувањето на клучните принципи на ЕУ, независноста на судовите.
Тимерманс на Варшава и` даде три месеци да ги повлече документите, но полскиот министер за правосудство Збигњев Зиобро, истакна дека и покрај негодувањето на ЕУ, „реформата“ на правосудниот систем ќе продолжи.
Акцијата на Европската комисија, барем во теорија, може да води до евентуално суспендирање на гласачките права на Полска во Европскиот совет, но тоа е можно само по ревизија на двегодишниот административен спор и гласање на 28-те членки на Унијата против Полска.