Северна Македонија не треба да биде суспендирана, бидејќи во суштина направи се` што се побара од неа, вклучувајќи ја и контроверзата со името, смета демократскиот конгресмен Дејвид Прајс, реагирајќи на одлуката на Европската Унија да не и` даде на државата датум за пристапни преговори во овој момент.
„Долго време имаше проблем за името со Грција. И двете влади, и грчката и македонска, имаа потешкотии да постигнат договор, но, успеаја. Сега Северна Македонија е во позција да стане полноправна членка на демократските семјства и на западноевропските алијанси. Членството во НАТО напредува доста добро, а се надевам дека и прашањата околу ЕУ ќе се разрешат брзо“ изјави Прајс во интервју за Гласот на Америка.
Тој не сака да го критикува внатрешниот процес на ЕУ и деталите околу него, но, смета дека е важно да се реши брзо.
„Не сакам да ја видам Северна Македонија да поминува низ сето ова, да биде суспендирана на некој начин“, нагласи тој, и додаде:
„Работиме заедно низ години, преку промена на партиско лидерство и транзиција на моќ. Парламентот се` уште има многу предизвици, но, мислам дека има напредок и оти државата е подготвена да стане дел од европското семејство на парламентарни демократии“.
Според него, лидерството до овој момент ги одржало заложбите, и тоа требало да биде препознаено и охрабрено. А најдобар начин тоа да се направи, вели тој, е да се заокружи НАТО членството и државата да влезе во ЕУ.
„Мислам дека и на ЕУ и` е потребна Северна Македонија. Нема да судам за тоа какви критериуми се потребни за да се затвори ова прашање со датумот, но, се надевам дека тоа ќе се реши сигурно“, истакна тој.
Прајс смета дека ЕУ и НАТО треба да гледаат на Северна Македонија како на клучна држава во Западен Балкан, чија стабилност е битна за целиот регион.
„Многу добро знаеме дека Русија се мешала во избори и во многу други работи на Балканот. Не посакуваме конфликти, ниту пак наметнуваме нешто. Ако државата одбере да се сврти кон Русија тоа е нејзин избор. Но, она што сакаме да го кажеме е дека државата треба да го почитува определувањето на мнозинството, а кое се покажа и на референдумот. Тоа е да биде дел од Западот“, изјави конгресменот.
Вели дека поддршката на САД за членството на државата во НАТО и ЕУ оди назад се` до државниот секретеар Колин Пауел и админситрацијата на Буш која, според него, особено била фокусирана на македонското прашање.
Сегашната поддршка на САД за државата, пак, ја потврди и Стејт департментот, кој изрази разочарување што Европскиот совет не ги препознал силните напори на Северна Македонија почне преговори во овој момент.