СКОПЈЕ – Владината мерка есенска потрошувачка кошница завршува денес и од утре повеќе нема да има ограничување на маржата до 10 отсто на 73 производи кои се најдоа на листата на министерството за економија и труд. Владата, синдикатите и граѓаните со различни оцени дали и колкави ефекти даде едномесечното ограничување на маржата.
За едните е успешна за другите намалувањата на цените биле со едноцифрени бројки и затоа немало речиси никаков ефект бидејќи не заштедиле некоја забележителна сума.
„Јас мислам дека не донесе бап ништо бидејќи ги гледаме цените. Уште стојат напишани. Пред тоа ги покачија цените потоа малку ги снижија за да изгледа дека им успеав. Мислам оти оваа мерка не успеа“, вели пензионерка од скопската населба Карпош 4.
Граѓаните сега се во исчекување дали ќе следи нов скок на цените, како што беше пракса изминативе години по истекот на владините мерки а истото ќе го следи и министерството за економија кое најави дека доколку се случи тоа ќе има поригорозни мерки.
Во првите денови по воведувањето на есенска потрошувачка кошница граѓаните се соочија со празни рафтови и намалена дистрибуција на дел од производите кои беа опфатени со мерката а пазарните инспектори утврдија дека некои производи се продаваа со маржи од 30,40 па дури и 60 отсто.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши потврди дека мерката не дала резултати кај лебот, млечните производи и маслото за готвење.
Министерството за економија утре ќе ги презентира резултатите од есенската потрошувачка кошница и останува на најавите дека оваа мерка ќе ја има повторно за големите верски празници Божиќ, Велигден и Рамазан.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска од самиот старт кажа дека има издвоено мислење од Владата и дека не поддржува ваков тип на мерки бидејќи нема да дадат резултати. Повторно воведување на овој тип на ограничувања таа нема да поддржи.
„Мислам дека мојот став по ова прашање го знаете. Дали ќе продолжи мерката или не ќе го прашате министерот Дурмиши, изјави министерката Димитриеска – Кочоска при презентација на Буџетот за 2025 година.
Според најавите и очекувањата на министерот Дурмиши евентуално поевтинување на цените во текот на ноември треба да донесе и Законот за забрана на нефер трговски практики кој веќе е на сила, но кој трговците некако успеаја да го заобиколат, бидејќи ќе ги истрошат залихите во магацините за кои тврдат дека постојат и ќе мора да набават нови количини но по правилата кои што се согласно новиот закон.