Заедничките воени вежби во Ерменија, на силите на Ерменија и на САД, се според аналитичарите најновиот чекор во ерменските напори - поддржани од Вашингтон - за оддалечување од сферата на влијание на рускиот сосед и за придвижување кон Западот.
Ова се сериозни вежби и тие беа проследени со веста дека ќе има постојано американско претставништво во Министерството за одбрана на Ерменија како советници да им се придружат на Французите кои веќе се таму.
Ерменија е без излез на море и сака да ја намали својата економска зависност од Русија. Таа ја притиска Турција да ја отвори својата граница за да обезбеди нова порта кон западните пазари.
Турција ја затвори границата со Ерменија во 1993 година, откако етничките ерменски сили ја зазедоа спорната азербејџанска енклава Нагорно Карабах. Азербејџанските сили повторно ја зазедоа енклавата минатата година, а аналитичарите велат дека отворањето на границата сега може да се совпадне со целите на Анкара да го прошири регионалното влијание на Турција.
„Турција очигледно има многу силни врски со Азербејџан, исто така многу добри односи со Грузија, но не и со Ерменија. И тоа е проблем во сликата на целокупната политика на Турција на Кавказ“, смета Синан Улген од Центарот за економски и политички истражувања.
Вашингтон работи на постигнување постојан мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан, при што американскиот државен секретар Антони Блинкен неодамна изјави дека договорот е блиску.
Со оглед на тоа што неколку прашања не се решени, аналитичарите велат дека Баку го гледа турското повторно отворање на ерменската граница како важен потег.
„Веруваме дека во оваа фаза, бидејќи не го потпишавме мировниот договор, тоа може да испрати погрешен сигнал до Ереван, до Ерменија, дека не треба да се договараме за суштинските прашања, заемното признавање на територијалниот интегритет“, вели Фарид Шафиев од Центарот за анализи на меѓународните односи.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разви блиски врски со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев и ја исклучува можноста за отворање на границата со Ерменија додека не се исполнат барањата на Баку.
Турската поддршка му помогна на Азербејџан да ги победи силите поддржани од Ерменија. И покрај таа поддршка, некои аналитичари велат дека Баку ја диктира политиката на Турција.
„Азербејџан е таму каде што е, во добар дел поради воената помош на Турција, разузнавачката помош и сето тоа. И за мене е збунувачки што Турција не може да ги отвори границите со Ерменија, што на Ерменија и треба и го сака тоа, поради ветото на Азербејџан и особено ако навистина, Азербејџан, поради една или друга причина, верува дека нивните интереси се во повторното свртување кон Русија“, смета Соли Озел од универзитетот „Кадир Хас“.
Азербејџанската енергетска компанија SOCAR е најголемиот странски инвеститор во Турција, давајќи му на Баку моќ над Анкара.
Аналитичарите велат дека секоја надеж за повторно отворање на турско-ерменската граница се чини дека зависи од желбите на раководството на Азербејџан.