Нова иницијатива за заштитата на човековите и правата на животна средина

ОН велат дека секој треба да може да ужива во безбедна и здрава животна средина

Програмата за животна средина на ОН, цели на корпорации и влади кои ги загрозуваат и заплашуваат екологистите и ја користат планетата за финансиска добивка.

Во Женева се одржа панел-дискусија на активистите за заштита на животната средина кои ја истакнаа потребата за обезбедување на здрава животна средина.

Филмот со кој беше отворена дебатата е раскажан од кениската активистка Филис Омидо. Таа успеа да затвори топилница за олово која се наоѓала во сиромашен кварт во близина на Момбаса, за која вели дека испуштала отровни гасови во воздухот и им нанесувала штета на локалните жители, вклучувајќи го и нејзиното дете.

Додека една битка е добиена, борбата е далеку од завршена. Раководителот за екологија и управување со животната средина, Ниам Бранинган, вели дека заканите против активистите за заштита на животната средина, продолжуваат.

„Последните два дена добивме пораки дека уште еден активист од Филипини е застрелан. Станува збор за Рикардо Меуми, кој се спротивставуваше на изградбата на мала брана во Санта Клара од страна на компанијата 'Санта Клара корпорејшн', веруваме дека е убиен“, додава Бранинган.

Меѓу 2002-та и 2013-та година, ОН известија дека биле убиени 908 лица во 35 земји, кои застанале во одбрана на животната средина и земјиштето.

Заменичката на Вишиот комесар за човекови права, Кејт Гилмор, вели дека сите човекови права зависат од животната средина, но дека луѓето продолжуваат да ги уништуваат ресурсите на планетата за краткорочна економска добивка, загрозувајќи ги сопствените и животите на идните генерации.

Бјанка Џагер е претседателка и главна извршна директорка на Фондацијата за човекови права. Таа повика сите кои извршиле убиства врз бранители на домородното население и нивните заедници, да бидат изведени пред лицето на правдата. Џагер сепак признава дека тоа е тешко да се стори, бидејќи владите често ги здружуваат силите со компании кои ги злоупотребуваат правата на ова население.

Специјален известувач за човекови права и животна средина на ОН, Џон Нокс, раководеше со промовирање на Иницијативата за право на животна средина, која, освен да ги промовира, има за цел и да ги заштити и почитува човековите и еколошките права. Тој вели дека е од суштинско значење да се стори повеќе за заштитата на лицата кои ја бранат животната средина.

Нокс додава дека правото на здрава животна средина е усвоено од преку 100 земји, но не е усвоено во ОН. Тој вели дека е време светската организација да препознае дека секој треба да може да ужива во човековото право на безбедна и здрава животна средина.