Министерството за здравство во Газа соопшти дека израелските сили застрелале најмалку 50 Палестинци долж границата на Појасот Газа, каде се одвиваат демонстрациите против денешното официјално префрлање на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Според властите, во немирите досега се повредени преку 2.000 лица.
Критичарите го обвинија Израел за употреба на прекумерна огнена сила, додека Израел вели дека ваквите дејствија се неопходни токму поради безбедноста на својот народ.
Воедно израелските безбедносни сили употребиле и солзавец, во обид да ги растурат демонстрантите, но и покрај тоа, насобраната толпа продолжила да се зголемува.
Демонстрантите фрлале разни предмети преку границата и палеле гуми пред да биде отворена амбасадата. Многу компании и училишта во Газа беа затворени.
Но, и покрај преместувањето на американската амбасада, Палестинците протестирале и поради одбележување на годишнината од она што го нарекуваат „катастрофа“, во врска со стотиците илјади Палестинци, протерани или избегани за време на војната во 1948-та година при создавањето на Израел.
Новата локација на американската амбасада е привремена локација која ќе работи во постојната зграда на конзулатот на САД во Ерусалим, се` додека не се најде друга и поголема локација.
Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на неговата кампања вети дека ќе ја премести амбасадата на САД во Ерусалим, а во декември минатата година, тој го призна Ерусалим како главен град на Израел. Истиот месец, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство усвои резолуција со која се отфрли оваа одлука.
Трамп во понеделникот на Твитер напиша: „Ова е голем ден за Израел!“
Секретарот на американскиот Оддел за финансии Стивен Мнучин, рече дека преместувањето на амбасадата „е приоритет на националната безбедност“ и дека токму поради тоа, Трамп сакал имотот на амбасадата на САД да биде на десната страна на градот во Ерусалим.
За Израел целиот Ерусалим е главен град, додека Палестинците го гледаат источен дел како главен град на идната палестинска држава.
Ова прашање веќе долго време се смета за една од последните големи работи што ќе треба да се реши во кој било израелско-палестински мировен договор.