Ако поранешниот потпретседател Џо Бајден биде избран за претседател на САД, тој цврсто ќе ја поддржи интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, рече за Гласот на Америка, поранешниот заменик-помошник државен секретар на САД Хојт Ји.
„Јас цврсто верувам дека Бајден ќе биде шампион во инеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Ова секако е одлука што треба да ја направи Европската Унија. САД не можат да ја наметнат нивната волја, но, веруваме дека ги делиме истите цели со повеќето европски држави. Сакаме да ја видиме Северна Македонија интегрирана во европските институции. Очекувам Бугарија и остатокот од ЕУ да најдат начин да ги надминат проблемите, за да може Северна Македонија да ги почне преговорите што е можно побрзо“, рече Хојт Ји, кој ја поддржува кампањата на потпретседателот Џо Бајден за иден претседател на САД.
Потенцијалната администрација на Бајден ќе очекува од македонските политичари да ја средат корупцијата во државата, рече тој, нагласувајќи дека има уште многу работа да се достигнат стандардите за влез во ЕУ.
„Ако го следите Џо Бајден изминативе децении ќе знаете дека тој секогаш се залага за борба против корупцијата. Неодамна, за време на неговата претседателска кампања, тој даде јасно до знаење дека ја гледа глобалната борба против корупцијата како приоритет на САД, што за актуелната администрација не е. Претседателот Трамп е загрижен најмногу за него, за неговата партија, за ултра богатите во Америка и богатите корпорации. Ова е нешто што мора да се стопира“, рече тој.
Според него, администрацијата на Бајден би се вклучила во борбата против лажни вести во Северна Македонија, помогнати од Русија и Кина.
„Има многу работи што би можеле да ги правиме, дури и да осигураме Русија да плати вистинска цена за тоа што го прави на Балканот, во Европа и во САД. Тоа бара глобален напор за изградба на алијанси и зацврстување на институциите во Европа. Заеднички ќе бидеме во можност да се спротивставиме на Путин и руските тролови. Тие напори сега е јасно дека се заглавени. Го слушнавме претседателот како ги доведува во прашање неговите разузнавачки служби и како се сомнева дека Путин имал улога во ширењето на дезинформациите. Тоа ќе се промени под администрацијата на Бајден/Харис“, изјави Хојт Ји.
Вели дека е загрижен оти американската репутација на Балканот доживеала иста штета како и во целиот свет, поради, како што рече тој, пристапот на актуелната администрација кон надворешната и домашната политика.
Вели дека Бајден ќе се залага да ја обнови довербата на Западен Блакан во Америка.
„Мислам дека нашата репутација на Балканот е оштетена многу од недостиг на американско лидерство, од американски иницијативи за адресирање на големите светски предизвици, со кои се соочуваат сите држави на Западен Блакан и во Европа. Ќе биде многу важно новиот претседател да ја обнови американската кредибилност кај државите кои од Америка очекуваат да им помогне да ги решат проблемите, како пандемијата, економската криза и надворешното малигно влијание“, смета тој.
Вели дека не се соменва оти Бајден ќе им помогне на лидерите на Северна Македонија, на граѓанското општество и на партиите, да го продолжат прогресот за подобра иднина на младите и новите генерации.
„Северна Македонија веќе е важен сојузник и партнер на САД. Сакаме тоа да продолжи да се развива, релацијата да биде поцврста, поинтензивна, поблиска на сите нивоа“, рече Хојт Ји.
Додаде дека „има многу потенцијал за трговија меѓу САД и Северна Македонија. Сакаме повеќе Македонци да доаѓаат во Америка, и повеќе Американци да ја посетуваат Северна Македонија“.