Течат роковите за приговори на партиите за гласањето и сумирањето на резултатите од парламентарните избори.
Државната изборна комисија (ДИК) откако ќе ги прими, има 48 часа да решава. Против овие одлуки на ДИК, подносителите на листите може да поднесат жалба до Управниот суд чија одлука е конечна.
Засега, неколку партии се пожалија на нерегуларности и грешки во обработката на првичните резултати, кои ДИК ги објави со големо задоцнување, речиси 24 часа по затворањето на избирачките места.
Според овие резултати, 120-те пратенички мандати се поделени меѓу СДСМ чија коалиција освои 46, ВМРО-ДПМНЕ со 44, ДУИ со 15, Алијанса за Албанците доби 12 мандати, Левица 2 и ДПА еден.
„Граѓаните донесоа важна одлука, новата влада ќе ја води СДСМ, после Илинден следуваат постапки во законските рокови. Мандатот за составување на следната влада е кај Зоран Заев“, соопштуваат социјалдемократите.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, пак, рече:
„Јас никогаш нема да го прифатам овој резултат затоа што не ја отсликува реалноста. Сведоци сме на најголемиот фалсификат во историјата“.
Но, и покрај ваквиот став, партискиот лидер Христијан Мицкоски вчера најави дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет за да формира влада.
Веќе почнаа математиките – СДСМ и ДУИ имаат доволно пратеници за мнозинство. Но, и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица стигаат до 61 пратеник, варијанта која теоретски е можна, но, практично е речиси неизводлива поради позициите на Левица за Преспанскиот договор и членството во НАТО.
Европската Унија денеска го поздрави спроведувањето на изборите.
„Брисел очекува да работи со силен парламент и стабилна коалиција, кои треба да испорачаат резултати во однос на интеграција во ЕУ“, порачаа Жосеп Борел и Оливер Вархеји.
Амбасадата на САД во Македонија, пак, соопшти:
„Како први генерални избори одржани по влезот на Северна Македонија во НАТО, и по поканата за започнување на преговори со ЕУ, овие избори претставуваат значаен чекор кон демократијата“.