Избори на 12 април - спикерот ги распиша предвремените парламентарни избори веднаш откако Собранието вчера ја усвои одлуката за распуштање.
„Лидерите го вратија мандатот кај вас, обврска е на институциите да обезбедат услови за спроведување на фер, слободни и демократски избори на кои вие ќе ги искористите вашите демократско граѓанско право и обврска. Апелирам до сите учесници на овој изборен процес, политички партии, партиски членови, членови на Избирачките одбори и Општинските изборни комисии, и најважно од сѐ, медиумите, да бидат на висина на својата задача“, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери.
На оваа одлука и претходеше тензичен викенд, кога беа усвоени неколку закони клучни за членството во НАТО и ЕУ - интеграцијата, како Законот за јавно обвинителство, Законот за советот на јавни обвинители, Законот за одбрана...
На завршувањето со работа на овој деветти парламентарен состав, американската амбасадорка Кејт Брнс, во писмена изјава го поздрави напредокот направен во изминатите три години.
„Ратификацијата на Североатлантскиот договор, ратификацијата и имплементирањето на Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, Законот за јавно обвинителство, Законот за Оперативно-техничката агенција, Законот за јазиците... Овие постигнувања ја покажуваат посветеноста на Северна Македонија на реформската агенда за доброто на нејзините граѓани и за обезбедување на нејзината трансалтантска иднина“, се вели во изјавата на Брнс.
Фактот дека меѓународната заедница го поздрави усвојувањето на пакетот - закони, не ги спречи власта и опозицијата да продолжат со меѓусебните обвинувања за тоа што значи носењето на Законот за јавно обвинителство и на Законот за советот на обвинители.
„Законот гарантира независни институции. После три децении, политичарите, конечно нема да избираат обвинители, ниту пак да одлучуваат за предмети. Независноста ќе гарантира професионалност, објективност и неутралност во одлучувањето. Му овозможуваме на обвинителскиот систем да може да работи растоварен од политички влијанија“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.
Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакна дека „пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираше за начинот на носењето на законите и наши правни експерти разгледува секакви можности и алтернативи и ќе излезе со претставка до надлежните институции“.
По распишувањето на изборите, ДИК го усвои роковникот за спроведување на предвремените избори, кој предвидува увид во Избирчакиот список до 11 март, поднесување на кандидатските листи до 12 март, почеток на кампањата од 23 март.