СКОПЈЕ - Односите меѓу Северна Македонија и Косово се стабилни, треба да се продлабочуваат а клучно е да се работи на инфраструктурните проекти за да се овозможи побрз проток на стока и да се зголеми трговската размена меѓу двете држави. Отворени политички прашања нема, инцидентот на скопскиот аеродром не влијае врз односите а околу прашањата за екстрадциите ќе се одлучува во рамките на законите и Уставот на двете држави. Ова се заклучоците по двочасовната средба на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти кој се одржа во Владата.
Премиерот Мицкоски кажа дека на средбата се разговарало за сите прашања кои се важни за Македонија и Косово и потребни се добрососедски односи на принцип на двонасочна улица е суштинско за двете држави.
„Добрососедските односи се двонасочна улица. Сакаме со Косово да имаме исклучително плодни и искрени добрососедски односи. Како Влада ќе стоиме зад овој принцип и не гледам причина зошто тоа да не се случува во иднина. Размената за 2023 година е на ниво на половина милијарда евра и не гледам причина зошто со напорите на двете Влади таа размена да биде уште поголема, со изградба на инфраструктурните проекти автопатот кој ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец кој ќе ги поврзе Тетово и Призрен“, изјави премиерот Мицкоски.
Косовскиот премиер Курти истакна дека е императив двете држави да имаат уште подобри односи, се заблагодари за учество во контингентот на КФОР и истакна дека заедничко за двете држави е што е можно побрзо отворање на преговорите со ЕУ.
„Од аспект на одбраната и безбедноста продолжуваме да имаме добра соработка. Со нетрпение чекам да се операционализираат заедничките гранични премини, особено во Блаце и Елез Хан кои што ќе го олеснат прометот на граѓаните. Сите знаеме дека имаме семејства и роднини од двете страни на границата. Ние ги поддржуваме зајакнувањето на соработката во одбраната и спроведување на постоечкиот договор за воена соработка. Република Косово очекува да изгради уште повеќе железнички и транспортни врски кон Северна Македонија која е земја членка на НАТО“ рече премиерот Курти.
На средбата меѓу двајцата премиери се разговарало за екстрадициите на Блерим Рамадани и осудените во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и било договорено да се продолжи институционално преку министерствата за правда,.
Двајца премиери беа децидни дека инцидентот на скопскиот аеродром нема да влијае на односите меѓу двете држави.