Резултатите од парламентарните и претседателски избори во Северна Македонија на кои СДСМ доживеа голем пораз, за аналитичарите се очекувани. За Ивица Боцевски тоа е така, поради „преголемите промени за крупни национални прашања, посебно во надворешната политика, без консултација со граѓаните“.
„Тоа ја уништи власта на СДСМ и ДУИ уште во самиот старт. Меѓутоа далеку позначајно беше што тие буквално се откажаа од владеење и државата премногу хаотично беше управувана во сите овие седум години. Имавме и еден невиден бум на корупција, на организиран криминал и непотизам“.
И Петар Арсовски смета дека изборните резултати се во рамките на очекувањата, со мали разлики во засилување на постојните трендови од првиот круг на претседателските избори, кои се појавиле во вториот круг на парламентарните избори.
„Се разбира дека големиот пораз на СДСМ и големата победа на ВМРО ДПМНЕ се должат на засилување на тие трендови, на стереотипното претставување на брендовите и на долготраечкото незадоволство на електоратот од состојбата во која се движи државата“.