Експерти: Русија е сѐ поприсутна на Балканот и во Северна Македонија

Your browser doesn’t support HTML5

Експерти: Русија е сѐ поприсутна на Балканот и во Северна Македонија

Русија е се поприсутна на Балканот и во Северна Македонија – нејзината цел е поткопување на демократските вредности и оддалечување од евроатлантскиот пат. Ова го велат познавачите на регионот и на геополитиката.

Новинарот на „Гардијан“ Лук Хардинг кој е поранешен дописник од Москва и автор на книгата „Државна мафија“ смета дека Балканот е „малата врата“ преку која може да се продре во Европа.

Правилата по кои тие играат се исти. Без разлика дали станува збор за Црна Гора, Босна или каде било.
Лук Хардинг, новинар

„Правилата по кои тие играат се исти. Без разлика дали станува збор за Црна Гора, Босна или каде било. Русите влегуваат во земјите преку купување имот, купување медиуми кои ги користат потоа, преку стратешки индустрии. Тоа се случува насекаде. Мора да бидеме внимателни“ вели новинарот Лук Хардинг.

Со ова се согласува и амбасадорката на Обединетото Кралство во САД и поранешна претставничка во Обединетите Нации, Керен Пирс. Таа вели дека општествата во Западна Европа се поотпорни на обидите за влијание поради појаките државни институции и подолгата демократска традиција, па затоа Москва го насочува влијанието кон Исток и Југоисток.

Засега обидите за мешање во регионот и не се баш успешни, но Русија не се откажува така лесно.

„Се обидоа со државен удар во Црна Гора, не успеаја. Се обидоа да се мешаат во Македонија, не успеаја. Сето тоа е добро. И ЕУ и НАТО се вклучија да им помогнат на овие земји да ја зголемат својата отпорност преку програмите за поддршка и преку патот за членство“ вели Керен Пирс, амбасадорка на Обединетото Кралство во САД.

Таа смета дека поддршката за регионот не смее да запре, дека на државите мора да им се помогне со воени, безбедносни и економски обуки, а особено со јакнење институциите.

Се обидоа со државен удар во Црна Гора, не успеаја. Се обидоа да се мешаат во Македонија, не успеаја. Сето тоа е добро.
Керен Пирс, амбасадорка на Обединетото Кралство во САД.

„Мора да продолжиме да ги јакнеме врските со овие земји преку ЕУ, НАТО и ОБСЕ. Мора да им помогнеме да бидат потранспарентни, во нивната легислатива, во справување со перењето на пари“ вели Керен Пирс, амбасадорка на Обединетото Кралство во САД.

Последната анализа на Центарот за стратешки и меѓународни студии од Вашингтон покажува дека пандемијата на Ковид-19 е нова можност за влијание на Москва во трети земји.

Главната руска тактика е ширење на дезинформации, најчесто преку лажни профили и страници на социјалните мрежи кои споделуваат неточни извештаи и теории на заговор. Целта е да се збуни јавноста и да се поткопаат напорите на здравствените власти за справување со вирусот.