Економските визии на Трамп и Бајден пресудни за американските гласачи

Your browser doesn’t support HTML5

Економијата на САД е едно од најголемите прашања за гласачите во натпреварот меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп. Бајден водеше кампања за нови технолошки инвестиции. Трамп вели дека ќе ги намали трошоците за инфраструктурата на Бајден и ќе ги засили дупчењата на нафта. Скот Стернс известува. .

Џо Бајден водеше кампања за технолошки инвестиции во сојузната држава Висконсин, каде што Мајкрософт инвестира 3,3 милијарди долари за нов Центар за обработка на податоци, за кој Бајден вели дека е, цитираме „уште еден пример за оптимизам во приватниот сектор“.

„Досега креиравме 866 милијарди американски долари инвестиции во приватниот сектор на национално ниво, речиси трилион долари - историски износи за толку кратко време и тоа буквално отвара стотици илјади работни места во нови фабрики за полуспроводници, електрични возила и фабрики за батерии. Најважно, овде во Америка“, рече Бајден.

Веб-страницата на новиот Центар за податоци на Мајкрософт е истото место каде што пред шест години Доналд Трамп најави инвестиција од 10 милијарди долари од производителот на електроника Фокскон.

Тој комплекс требаше да креира 13.000 нови работни места за Висконсин. Тоа не се случи. Бајден го нарече уште едно неисполнето ветување од Трамп.

„Тој дојде овде со вашиот сенатор Рон Џонсон, буквално држејќи златна лопата, ветувајќи дека ќе го изгради осмото светско чудо. Погледнете што се случи. Ископаа дупка со тие златни лопати, а потоа ништо“, додаде Бајден.

Трамп вели дека Бајден лошо се справува со американската економија, наведувајќи го растот на годишната инфлација.

„Економијата не е добра. Гледаме инфлација, таа е огромна. Тие нема да можат да ги намалат каматните стапки. Тоа е политичко прашање, ќе биде многу лошо ако го направат тоа“, смета Трамп.

Трамп води кампања против Бајден за инфраструктурни трошоци, вклучително и за чиста енергија и технологија.

„И по преземањето на функцијата, веднаш ќе воведам мораториум за сите нови грантови и подароци за трошење според мамутските социјалистички сметки на Џо Бајден, како што е таканаречениот Закон за намалување на инфлацијата. Ќе ги заштедиме тие пари“, додава Трамп.

Бајден вели дека тие инфраструктурни трошоци и помагаат на американската економија.

„Патиштата и автопатите многу повеќе ќе се градат со американски средства, ќе ги градат наши работници, и ќе бидат отворени нови добро платени американски работни места“, посочува Бајден.

Трамп вели дека неговиот план за работа вклучува повлекување на ограничувањата за дупчење нафта и заштита на американските работници од илегалната имигрантска работна сила.

„Кој е мојот план за работни места? Да се зголеми нафтеното дупчење, ќе ја затворам границата, за да се заштитиме од сите криминалци на кои им е дозволено да влезат во нашата земја“, истакна Трамп.

Анкетата на Харвард и Харис во април покажува дека инфлацијата е најважното прашање за американските гласачи, при што само еден од тројца вели дека економијата е на вистинскиот пат.