Државата не се откажува од користењето на водите на Охридското езеро за производство на струја, и покрај бројните предупредувања од еколошките активисти и стручната фела тоа да не се прави, но и да не се игра со неговото ниво.
Од Електрани на Северна Македонија, кои управуваат со езерото, велат дека ја одржуваат котата на Охридско на просечно ниво согласно водостопанската дозвола. Но признаваат дека езерото учествува и во производство на струја.
„Во 2023 година Охридското езеро, учествувало со 3,65% од вкупното домашно производство на електрична енергија на АД ЕСМ“, соопштија од ЕСМ.
Your browser doesn’t support HTML5
Многу често езерото се спушта и до минамално дозволената кота од 693,10 метри надморска височина, па во услови кога нема доволно врнежи, намалувањето на неговото ниво е најочигледно покрај езерскиот брег. Максималната кота е 693.75.
Единствено решение е да се изгради еден софистициран регулаторен систем на испустот на езерото преку ДримЃоко Зороски, еколошки активист
„Нивото на водата кое сега се користи 60 сантиметри во висина за производство на електрична енергија да се намали на 30 сантиметри, а испустот во Струга да се направи автоматски. Како се полни езерото повеќе, да течи и повеќе вода. Досега ништо не е направено. Границата е ставена на 693,10 но и под таа граница може водата да се спушти“, вели Димче Мајкоски од СРК „Свети Апостол Петар“.
Како се прави тоа. Имено преку истекот на реката Црн Дрим во Струга, со водата од езерото се полнат хидроцентралите Глобочица и Шпиље, каде се произведува струја. Испустот на Дрим сега се регулира рачно со помош на дрвени талпи.
„Единствено решение е да се изгради еден софистициран регулаторен систем на испустот на езерото преку Дрим за тие поставени талпи што помалку да служат како регулатори на нивото на езерото и на тој начин да не се создаваат неприродни осцилации на самото езеро. Вака на овој начин доаѓа до последици како што се кристализација на фреско живописот во крајбрежните цркви, умирање на растителниот и животинскиот свет, се намалува квалитетот на езерската вода, а можни се и други последици“, објаснува Ѓоко Зороски, еколошки активист.
Езерото се регулира со договор стар 67 години, потпишан меѓу тогашна Југославија и Албанија во времето на Тито и Енвер Хоџа. Затоа експерите сметаат дека е потребно негово ревидирање, поради променетите еколошки и економски услови.
„Се надеваме, а и понатаму инсистираме не само ние и преку научните установи да тоа се регулира. Можеби ќе успееме за некоја година. Треба да се разгледа детално да дадат мислења стручните научни установи, тоа прашање да се покрени и да се реши на најдобар начин за езерото и еко системот во езерото“, додава Мајкоски.
Охридското езеро, денес важи за најголем извор на питка вода во Југоисточна Европа.
„Ова езеро со неговата целокупна универзална важност не заслужува да биде акумулација за производство на струја. Но бидејки тоа веќе се користи, да го направиме тоа на еден стручен и научен пристап“, вели активистот Зороски.
Од ЕСМ велат дека регулацијата на езерото се прави со цел да се обезбеди биолошкиот свет по течението на реката Црн Дрим, но и да се произведе електричлна енергија вои ХЕЦ Шпиље и Глобочица. Истекот на вода од Охридското езеро велат зависи од временските услови и нивото на вода во езерото, и истиот може да варира. Оваа година како резултат на дождовите и топењето на снегот на околните планини, езерото е на задоволително ниво. Неговото ниво сега изнесува 693,40 метри надморска височина.