Еден округ во државата Висконсин може да биде одлучувачки на изборите во САД

Your browser doesn’t support HTML5

Еден округ во одлучувачката сојузна држава Висконсин игра непропорционална улога во одлучувањето дали демократите или републиканците ќе ја освојат Белата куќа во ноември, велат аналитичарите. Вероника Балдерас Иглесијас известува од округот Дејн.

Освојувањето на одлучувачката држава Висконсин може да го однесе демократскиот или републиканскиот претседателски кандидат во Белата куќа.

И во 2016 и во 2020 година, државата беше освоена со помалку од еден процентен поен од гласовите.

Додека повеќето окрузи во Висконсин се поконзервативни, Дејн, вториот по големина округ во државата и дом на Универзитетот на Висконсин, е либерално упориште.

Демократската претседателска кандидатка Камала Харис се очекува да победи овде, но важен е бројот на гласови што таа ќе ги добие.

„Ако може да се освои округот Дејн со голем одѕив на гласачи, маргината на победа ќе биде толку голема што може да биде доволна да ја однесе преку целта“, вели Мајк Вагнер од Универзитетот во Висконсин.

Конзервативното присуство во оваа брзорастечка област може да биде важно за кампањата на поранешниот претседател Доналд Трамп, вели Вагнер.

Разликата во оваа држава ќе дојде од 20 до 40.000 гласови. Ако тој може да поттикне уште една, две или три илјади луѓе да гласаат овде, тоа може да биде доволно за да надомести некои загуби што ги има во предградијата.

„Заштитата на демократијата е навистина важно прашање и пристапот до репродуктивната здравствена заштита“, вели Алексиа Сабор од редот на демократите во локалната власт во државата.

Републиканските пораки се фокусираат на економијата.

„Изборот е помеѓу Доналд Трамп, кој беше докажан економски успех како претседател, и Камала Харис, која со Џо Бајден е докажан неуспех“, вели Брајан Шиминг, припадник на репубинаците.

Демократите ја оспоруваат таа проценка. Во меѓувреме, повеќето гласачи во Дејн веројатно одлучиле за кого ќе гласаат, велат истражувачите. Во државата, само 4% од гласачите остануваат навистина неопределени, според анкетата на Универзитетот Маркет.

„Некои од нив се неопределени затоа што навистина не обрнуваат внимание на политиката и сметаат дека таа е фрустрирачка.,“ вели Џон Џонсон од Универзитетот „Маркет“.

Со толку тесна трка, партиите ќе продолжат да им се додворуваат на неопределените гласачи во округот Дејн и пошироко, со надеж дека нивните гласови ќе направат разлика во трката во оваа сојузна држава, а можеби и во претседателската.