Калифорнија ги санира последиците од земјотресот

Ова беше најсилниот земјотрес што ја погоди сојузната држава последниве 25 години.

Надлежните органи изведуваат координирани напори за расчистување на последиците од најсилниот земјотрес што го погодил северниот дел на сојузната држава Калифорнија последниве 25 години.

Земјотресот со јачина од 6 степени го погоди регионот во неделата, при што беа повредени преку 100 лица. Беше причинета огромна материјална штета, а илјадници останаа без електрична енергија. Оштетени се некои историски згради.

Епицентарот на земјотресот беше меѓу Сан Франциско и Сакраменто. Поголем дел од штетата е во и околу Напа, живописниот предел познат по производство на вино.

Експертите предупредија на десетици последователни шокови наредниве неколку дена.

Гувернерот на Калифорнија Џери Браун објави вонредна состојба во одредени делови на сојузната држава.

Во земјотресот во 1989-та со јачина од 6,9 степени што го зафати Заливот на Сан Франциско, загинаа преку 60 лица.