Дваесет месеци затворска казна за сопственикот на „Беса Транс“

Во трагедијата на автопатот „Струма“ во Бугарија во ноември 2021 година загинаа 45 лица во автобусот на „Беса Транс“ со фалсификувани документи. Компанијата доби четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз и треба да плати казна од 800 илјади денари

СКОПЈЕ – Една година и осум месеци казна затвор доби Беким Хаџиу, сопственикот на „Беса Транс“ бидејќи фалсификувал документи кои потоа ги користеле возачите кога со автобусите на напуштале државата превезувајќи патници.

Судијата Ивица Стефановски, денеска во скопскиот Кривичен суд, му ја изрече казната на Хаџиу за кривичното дело фалсификување на исправа а за истото дело казна беше изречена и на „Беса Транс“ која доби забрана за меѓународен превоз на патници во наредните четири години и 800 илјади денари казна.

Беким Хаџиу

При изрекувањето на пресудата судијата Стефановски кажа дека обвинетиот Беким Хаџиу е виновен затоа што како управител на „Беса Транс“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од Министерство за транспорт и врски за тој автобус.

Адвокатот на Хаџиу најави жалба на пресудата и смета дека не е издржана.

„За да се исполни битието на ова кривично дело фалсификување исправа, не само што е потребен материјален доказ, а тоа е вешт наод и мислење, напротив, треба да се исполнат и субјективните дејствија коишто наводно ги преземале и правното лице и Беким Хаџиу. Во конкретната ситуација тоа отсуствува од причина што таа лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Автобусите или возачите коишто ги управувале автобусите меѓу кои и оној за жал веќе не постои, а коешто го потврдија и сведоци и претставниците од Царинската управа и од Министерството за транспорт и врски дека правното лице во целост ги исполнувал и условите за патување во домашни рамки, а и надвор од нашата држава“, изјави адвокатот Асмир Алиспахиќ.

Од Обвинителството соопштија дека се задволни што судот во целост ги прифатил наводите од обвинителниот акт а за тврдењата дека не постоело фалсификувана исправа наведоа дека за конкретниот автобус не е издадена никаква исправа.

„Ниту било поднесено барање, ниту била издадена лиценца. Тоа значи дека автобусот, како што е напишано во обвинението и како што и судот денес при објавување на пресудата кажа, покажувал пред надлежните државни органи извод од лиценца. Таков документ воопшто не бил издаден од надлежниот орган и она што е покажано не е за тој автобус. Без разлика дали е од нешто друго, дали е воопшто целосно фалсификувано, не постои. Во правниот сообраќај не постои извод од лиценца за конкретниот автобус. Токму тоа е и основата на подигањето на обвинението “, изјави обвинителот Владимир Милошевски.

Милошевски нагласи дека овој предмет не се однесува на причините за несреќата и дека тоа е работа на бугарските истражни органи. Бугарските обвинители ја лоцираа вината кај возачот на автобусот кој не ја прилагодил брзината.

Автобусот на „Беса Транс“ на 18 ноември 2021 година последен пат со фалсификувана лиценца ја напушта државата преку граничниот премин Деве Баир и превезува патници кон Истанбул. На враќање на трагедијата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи на 23 ноември а во неа животот го загубија 45 патници.

Истрагата покажа дека со фалсификувани лиценци 135 пати автобусите на „Беса Транс“ ја напуштиле државата. Надлежните си ја префрлаа вината и одговорноста и на крајот таа падна врз двајца цариници кои ги пропуштале автобусите. За 45 жртви едниот цариник беше суспендиран а на другиот му беше намалена платата.

На „Беса Транс“ и беше одземена лиценцата за транспорт на патници во државата но тоа не го спречи сопственикот Хаџиу со комбиња на црно да превезува патници низ Скопје и до Попова Шапка.

Предмет беше отворен и за станицата за технички преглед „Виа комерц“ во Скопски Сарај каде што автобусот на „Беса Транс“ минал на технички преглед но по две години предистрага минатиот петок Обвинителството за организиран криминал соопшти дека не пронашле елементи на криивчно дело.