ДУИ втор ден кампува пред Уставен суд – тензични изјави меѓу власта и опозицијата

Втор ден како стои кампот на ДУИ во близина на Уставниот суд во Скопје, 9 декември 2024 година, веднаш по Камен Мост, во Скопје, Северна Македонија. (фотографија на 360 степени)

Втор ден откако ДУИ кампува пред Уставниот суд во пресрет на седницата закажана в среда на која ќе се разгледуваат одредби од Законот за употреба на јазиците, нешто што партијата на Али Ахмети го смета за потенцијален удар врз темелите на Охридскиот договор.

Тензичната ситуација по острите пораки на релација влада-ДУИ, како и наредните чекори, биле главните теми на денешната седница на „Европскиот фронт“ - коалицијата на опозициските партии од албанскиот блок, предводена токму од ДУИ која ја организира оваа т.н „Стража за јазикот“ пред Уставниот суд.

Пред состанокот на коалицијата, од Мала Речица, преку соопштение, пак порачаа дека нема да дозволат какви било закани или, како што ги нарекуваат, антиалбански дејства.

Your browser doesn’t support HTML5

ДУИ стражари пред Уставен – судот ќе го разгледува Законот за употреба на јазиците

„Опасната блискост меѓу оваа нелегитимна влада и Белград е очигледна, манифестирана преку именувањето на личност како Стоилковиќ – инструмент на Путин и Вулин – за заменик премиер за меѓуетнички односи. Дополнително, неколку дискредитирани албански политичари, кои беа отфрлени од својот народ и на претседателските и на парламентарните избори, се користат како штит за овие антиалбански дејствија и за потценување на гласот на Албанците. Јасно е дека овие обиди за задушување и потценување на легитимните грижи на Албанците не се само неправедни, туку и опасни за стабилноста и иднината на земјата“, велат од ДУИ.

Паралелно со средбата во таборот на опозициските партии на Албанците, состанок имаше и во владејчката коалиција „Вреди“.

„На средбата опширно се разговараше за последните настани и реториката на поделби од страна на опозицијата, која наводно под име на заштита на албанскиот јазик се обидува да манипулира со јавното мислење, со сценарија на Никола Груевски од пред осум години со шаторите пред ДИК. Албанците може да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен. Не поминуваат триковите на ДУИ. Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон“, рече Саранда Имери Стафаи од Коалицијата „Вреди“.

И ВМРО-ДПМНЕ, најголемата партија во владата, смета дека последните чекори на ДУИ, вклучувајќи го и кампувањето пред Уставниот суд, се политички циркус за одвлекување на вниманието на јавноста од, како што соопштуваат, крининалите што биле направени во изминатите 20 години.

„ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владата велат дека ја следат ситуацијата, за која се информирани и меѓународните партнери, и дека нема да се дозволат какви било обиди за наштетување на државата – нешто што и премиерот го кажа во вчерашниот настап уверувајќи ги граѓаните да бидат спокојни.