Дуалното образование дава резултати и останува во фоксуот на новата министерка

Your browser doesn’t support HTML5

Дуалното образование, кое беше воведено пред 7 години, останува во фокусот на новата министерка за образование. Весна Јаневска денеска потврди дека овој концепт и натаму ќе се развива. Деталите од Владимир Мирчески.

Дуалното образование, кое беше воведено пред 7 години, останува во фокусот на новата министерка за образование. Весна Јаневска денеска потврди дека овој концепт и натаму ќе се развива за што ја има поддршката и од домашниот бизнис сектор чиј интерес е да вработува млади кадри кои освен што доаѓаат со стручна наобразба имаат и практично искуство што во основа го претставува дуалното образование.

Целта е преку овој концепт, кој веќе со децении се применува во Западна Европа и во земјите-членки на Европската Унија, да се создадат кадри кои ќе одговорат на потребите на домашната економија, а со тоа државата дополнително ќе се обиде да ги задржи младите во земјава.

„Знаете дека ситуацијата беше и сѐ уште е прилично тешка и ние како образовен систем мораме да се прилагодуваме на пазарот на трудот. Комората ни помогна во развивање на учењето низ пракса – односно бројни дуални паралелки кои ги остваривме со бројни компании за учениците да стекнуваат вештини, онаму каде сакаат и каде државата има потреба, за младите да останат во сопствената земја“, рече Јаневска.

Според податоците на министерството, програмата на дуално образование се спроведува во осум училишта во земјава. Со неа се опфатени околу 450 ученици, а повеќе од 15 компании – домашни и странски се дел од проектот, што значи дека овозможуваат услови за учениците во пракса да ги усовршуваат знаењата потребни за во иднина.

„Стопанството и образованието мора да бидат една, единствена целина која ќе овозможи просперитет на државата. Треба да се разбере дека образованието ќе биде партнер на бизнисот“, рече министерката.

Јаневска вели неколку од учениците кои го поминале процесот на дуално образование навистина останале да работат во компаниите каде имале пракса.

Како еден од примерите за исклучително успешно дуално образование се смета Швајцарија каде до 70 проценти од учениците од средно образование учествуваат во овој концепт на комбинирање на училишна настава со учење во услови на работна атмосфера.

Во Северна Македонија овој процент сè уште е многу низок.