СКОПЈЕ – Компјутерските системи во сите државни институции и критичната инфраструктура функционираат непречено откако глобалниот пад на системот на „Мајкрософт“ предизвика пречки и застои во ИТ секторот ширум светот. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека проблеми имало кај некои приватни компании и дека тие веќе се надминуваат. Според информациите на Гласот на Америка засегнати се компании од банкарскиот, патничкиот и трговскиот сектор.
Андоновски потврди дека станува не збор за сајбернапад туку за технички проблем со програма на компанија задолжена за сајбер безбедност.
„Што се однесува до државните институции, во постојана комуникација сме и со министерката за енергетика, но и со другите одговорни лица, не се пријавени до сегашни падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува. Дополнителни информации може да имаме во текот на утрешниот ден, но како што ја гледам ситуацијата во моментот, станува изолиран инцидент во Мајкрософт и со него поврзани системи, така што не очекувам да има повеќе проблем во државните институции“, изјави Андоновски.
По минатогодишните сајбер напади на десетина државни институции министерот Андоновски соопшти дека се формира работна група со експерти од ИТ секторот кои ќе работат на изработка на стратегијата за сајбер безбедност и изработка на законот за сајбер заштита.
„Ние ќе го водиме процесот заедно со нашите партнери, меѓународни партнери во НАТО, за изработка на стратегија за сајбер безбедност, закон за сајбер заштита и патоказ протокол како се однесуваме во случај на инциденти кои можат да се појават. Видите, овој свет е под напад, постојано се развива и постојано трпи напади, но кога имате јасен одговор од страната на државите, проблемите со кои ќе се соочите и последиците со кои ќе се соочите, се секогаш помали но многу е важно да имаме системски пристап и стратешки да се позиционираме за да се заштитиме“, рече министерот Андоновски.
Неколку компании во приватниот сектор кои работат преку платформата на „Мајкрософт“ останаа со темни монитори на нивните компјутери и работат на отклонување на проблемот. Токму затоа авиокомпанијата „Визер“ го повика патниците кои денес треба да летаат од аеродромите во Скопје или Охрид да дојдат на аеродромот три часа пред полетување за да може да ги чекираат своите билети бидејќи глобалниот онлајн систем на компанијата не функционира.
Во светот денес беа пријавени проблеми и прекини во ИТ-мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании поради што беа приземјени летови а медиуми имаа проблем со емитување на програмата.
Проблемот се лоцира во компанијата за сајбер безбедност „Crowdstrike“ која изработува антивирусни софтвери за „Мајкрософт“ и дека станува збор за проблем со последното ажурирање поради кое се појави феноменот наречен „синиот екран на смртта“ кај компјутерските системи.
„Ова не влијаеше на компјутерите на „Мек“ и системот „Линукс“. Ова не е безбедносен инцидент или сајбернапад. Ги упатуваме корисниците на порталот за поддршка, каде што можат да ги преземат најновите ажурирања. Ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до нив. Нашиот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди безбедност и стабилност на сите наши клиенти“, рече Џорџ Курц, извршен директор на „Crowdstrike“.
Иако од компанијата соопштија дека проблемот е лоциран и изолиран, експертите се песимисти и сметаат дека отклонувањето на проблемот ќе трае со денови и тоа ќе предизвика огромна финансиска штета кај голем број на држави чии системи се погодени но и на компании.