Државната изборна комисија го утврди изгледот на гласачкото ливче

Your browser doesn’t support HTML5

Вака ќе изгледа гласачкото ливче за првиот круг од претседателските избори на кој ќе се соочат седум кандидати за врвната позиција во земјава – така пресече денешната жрепка што се одржа во Државната изборна комисија. Автор: Владимир Мирчески

Вака ќе изгледа гласачкото ливче за првиот круг од претседателските избори на кој ќе се соочат седум кандидати за врвната позиција во земјава – така пресече денешната жрепка што се одржа во Државната изборна комисија. Број еден ќе биде актуелниот шеф на државата – Стево Пендаровски, број два – главниот негов предизвикувач – Гордана Силјановска-Давкова зад која застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Трет на ливчето ќе биде актуелниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски кој од мината седмица се наоѓа на американската црна листа. Број четири е кандидатот на ДУИ – Бујар Османи кој речиси четири години е на чело на македонската дипломатија. До него, под број пет е професорката Билјана Ванковска која ја има поддршката на Левица. Број шест е кандидатот на опозицскиот блок на партиите на Албанците – градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари. Последната, седма позиција е за првиот човек на ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски.

Интересно е дека на позициите еден и два, еден до друг се двајцата кандидати кои се сметаат за фаворити за функцијата претседател – Пендаровски и Силјановска-Давкова.

„Со извршената жрепка е утврден редоследот на кандидати за претседател на државата. Редоследен е следен Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски“, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.