Основното училиште во охридското село Косел, е само едно од многуте низ Северна Македонија, каде бројот на ученици драстично се намалува. Димче Донески, кој веќе петнаесет години работи овде како наставник, вели дека ситуацијата е сè повеќе загрижувачка.
Your browser doesn’t support HTML5
„Не е таа бројка што беше. Тогаш имавме околу стотина ученици овде, а сега е за три пати намален бројот, што може да се каже дека е во голем пад. Може да се каже дека се намалени паралелките, дури и дека се редуцирани. Останавме не без многу ученици, туку без паралелка од 8 и 9 одделение, бидејќи и тој мал број малку што беше ја напуштија семејно оваа држава“, вели Димче Донески, раководител на ПОУ „Ванчо Николески“ во село Косел.
Во помалитe средини, доминираат т.н комбинирани паралелки, каде заедно учат ученици од прво до петто одделение.
„Колку толку ова училиште ќе опстои, но ќе се намалат училиштата кои се подалеку од Косел. Факторите и условите, под кои се случува тоа ги знаат сите во Македонија. Пред сè тоа е т.н. иселенички синдром или белата чума“, додава Донески.
Поради ваквата ситуација, државата ќе ја оптимизира мрежата на основни училишта. Онаму каде нема доволен број ученици заради намалениот наталитет или миграција, ќе се изврши пренамена на училишниот простор за задоволување на други потреби на граѓаните. Но тоа не значи затворање на училишта и намалување на бројот на вработени велат од министерството за образование.
„Анализите покажуваат дека имаме нефункционална училишна мрежа која се карактеризира со паралелки со многу малку деца и тешкотии да се обезбеди квалификуван кадар за сите предмети особено во руралните средини. Добар дел од општините се соочуваат со проблеми во одржувањето на старите училишни објекти кои не ги задоволуваат образовните стандарди“, велат од Министерството за образование.
Ќе се внимавало и на тоа децата од прво до трето одделение да имаат настава во местото на живеење.
„За децата од четврто до деветто одделение, доколку има потреба да патуваат до најблиското централно училиште, ќе се обезбедат соодветни услови и финансиски средства за превоз. Ова во некои средини ќе наметне потреба од проширување на централните училишта и обезбедување простор за училници, библиотеки, спортски сали и други објекти“, додаваат од министерството.
Но, Џеми Хајредини, публицист, вели дека се доцни со овој процес, нешто што требало вели да се направи уште пред десет години.
„Затоа што уште тогаш се виде дека бројот на учениците се намалува, како во средните така и во основните училишта. Требаше уште тогаш со рационализација на некои паралелки или со спојување на две-три училишта во едно. Сега е навистина многу доцна и нормално дека ќе е по болно, затоа што треба да се преземат драстични мерки и ова ќе има последици“, вели Хајредини.
Како пример ја посочува Струга, каде пред 10 десет години, во основното и средно образование имало околу 10.000 ученици, а денес тој број е 7.000. Полоша е состојбата во основните училишта, каде бројката од 6.495 во учебната 2010/2011 година, денес е сведена на 4.983.
„Не е возможно со малку ученици да ги одржуваш тие училишни згради. Треба да се греат, треба да се одржуваат. Наместо 11 и 25 подрачни, можеби ќе треба 5 со 15 подрачни. Но тоа треба многу внимателно да се направи, оти ќе има влијание врз наставниот кадар. Со намалување на учениците, со рационализација на паралелките, имаме помал фонд на часови, тоа значи дека ќе има технолошки вишоци на наставниот кадар“, вели Хајредини.
Во Македонија има 347 општински основни училишта, а заедно со подрачните училишта, оваа бројка изнесува 975 објекти. Но, во најголем дел од нив има постојано намалување на бројот на ученици, но и намалување на соодносот ученици-наставници.
Повеќе од 85 отсто од основните училишта запишале помалку од 50 ученици во 2016-2017-та година. Исклучок се оние во Скопје и во некои други поголеми општини. Од министерството за образование велат дека поради сето ова, оптимизација на училишната мрежа, која ќе потрае повеќе години е повеќе од неопходна, заради обезбедување на подобар квалитет и ефективност на воспитно – образовниот процес и со тоа создавање на подобри ученички генерации во иднина.