Дронови за Украина преку европската Коалиција за беспилотни летала

Your browser doesn’t support HTML5

Балтичките земји се обврзаа да продолжат да обезбедуваат финансиска и материјална поддршка за борбата на Украина против Русија. Дел од таа поддршка доаѓа од Коалицијата за беспилотни летала предводена од Летонија. Известува Владислав Андрејев.

Бизнисменот Иван Толчински е од Украина. Но, тој живее во Летонија, каде што раководи со АТЛАС, летонска компанија за производство на дронови.

„Произведуваме беспилотно летало од 250 грама со две камери - едната дневна камера од 8K, а другата инфрацрвена камера. Нашите главни клиенти сега се Германија, Холандија, Англија - тие планираат големи нарачки“, вели Толчински.

Овој мал објект во летонскиот главен град Рига работи првенствено со земјите на НАТО, но Толчински вели дека неговата компанија испратила и над 1.000 дронови во Украина.

„Сите разбираат дека беспилотните летала се важни и станаа широко употребувано оружје“, додава Толчински.

Елина Егле, претседателка на одборот на Федерацијата за безбедносни и одбранбени индустрии на Летонија, неодамна се врати од воена изложба во САД и рече дека беспилотните летала стануваат се поважни.

Таа вели дека војната во Украина е исто така важна за производителите на воени дронови.

„Со одржување на секојдневниот контакт со украинските воени единици, добиваме непроценливи информации; осознаваме што треба да бидат најновите технологии и како подобро да ги искористиме, како и да ја обучиме војската да раководи со нив“, вели Егле.

Летонија ја предложи иницијативата „Коалиција за беспилотни летала“, која ја координира заедно со Велика Британија. Коалицијата, формално формирана во февруари, има за цел да ја снабдува украинската армија со дронови. Дванаесет земји-членки, меѓу кои и Германија и Канада, изнесоа амбициозен план за производство на беспилотни летала.

„Секоја земја е горда на својата индустрија и сака да ја развива, но само заедно можеме да создадеме критична маса за нејзино усовршување. Коалицијата јавно обелодени дека сака да произведе милион дронови за Украина“, вели Егле.

Фирмата на Толчински обезбедува дел од тие дронови. Неговата компанија произведува извидувачки беспилотни летала, но наскоро планира да премине кон борбени верзии.

„Денес, беспилотните летала се многу популарни. Се користат за напад на опремата на непријателот и нивните сили на терен. Тие чинат колку минофрлачи, но се многу попрецизни“, посочува Толчински.

Украинските оператори со дронови тестираат и дронови од Летонија. Инженерите велат дека искуството на Украинците е важно за процесот, затоа што точно знаат како треба да функционираат беспилотните летала на бојното поле.

„Дроновите што се функционални денес, можеби ќе бидат бескорисни утре, бидејќи непријателот веќе знае како да се бори со нив. Нашите производители ги следат најновите случувања и секоја нова нарачка, е различна од претходната“, нагласува летонскиот министер за одбрана, Јурис Ушаткис.

Во 2025 година, Летонија планира од буџетот да одвои околу 21 милион долари за купување беспилотни летала за Украина и обука на украински воени оператори.