„Нашето здравје мора да биде пред сè, апелираме до пратениците кои се нашиот глас, гласот на народот во Собранието, да го изгласаат Предлогот на закон за изменување на Законот за управување со отпад.Господине Талат Џафери се надеваме дека точката на дневен ред под број 19 нема да биде оставена за крај, заедно со информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“, се вели во соопштението на О2 Иницијативата, по повод денешната пленарна седница во Собранието.
Точката 19 од дневниот ред на 130-тата седница на Собранието е предлогот за изменување на Законот за управување со отпад по скратена постапка, поднесен на 20 декември минатата година од пратеничките на ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, кои со измените бараат забрана за увоз на отпад што согорува како извор на енергија.
Партијата на „зелените“ предлага бришење на точка 3 од членот 103, и укинување на можноста за увоз на отпад, кој согласно со постојната законска одредба, се користи како извор на енергија. Така, со предложената измена, би бил забранет „увоз на отпад за складирање заради отстранување и за отстранување“ и увоз „на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот“, а би бил дозволен увоз на отпад „што може безбедно:да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, да се користи како суровина или да се користи како извор на енергија“.
О2 иницијативата смета дека на собраниската седница, и еколошките организации и јавноста ќе ги согледаат ставовите на партиите - на дело, односно, ќе се види вистинската слика - кој за што се залага.
Според активистите за заштита на животната средина, „при согорување на отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксини, фурани, PCBs, хлороводороди, тешки метали како жива, кадмиум, талиум, олово, арсен, хром...Научните истражувања потврдуваат дека луѓето кои живеат во близина на места каде се согорува отпад имаат зголемена смртност од канцер“
Еколозите тврдат дека „организирани криминални структури вршат трговија со отпад каде се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, тоа што е декларирано не соодветствува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места... Италијанската мафија оперира во балканските земји со трговијата со отпад. Сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во ЕУ-членки, што само укажува на големината на проблемот и ранливоста на нашата држава - со немање на соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила“.
Иницијативата смета дека Македонија нема контрола на отпадот кој го увезува – „не знаеме што точно ни влегува во земјата, ниту пак знаеме што и во која количина се ослободува при негово согорување“ и тврди дека „последните случувања во Бугарија само ја потврдија основата зошто бараме забрана за увоз на отпад како извор на енергија“.
На 10 јануари, Обвинителството во Бугарија го обвини министерот за заштита на животната средина Нено Димов дека намерно лошо раководел со кризата околу рестрикциите со вода во Перник, но и затоа што наводно имал вина и за аферата за увоз на 25 контејнери отровен отпад во тврда и течна состојба, што пристигнале од Салермо во Италија. 25-те контејнери со 500 тони отпад пристигнале во Варна на 9-ти октомври, и требало да бидат пренесени на согорување во термоцентралата „Бобов Дол“, но откако на централата и истекла лиценцата за согорување на отпад, тој морал да биде вратен во Италија, а Обвинителството отворило истрага. По една ноќ во притвор, бугарскиот министер поднел оставка која премиерот Бојко Борисов ја прифатил.
Иако по реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наводен увоз на отровен отпад, уште на 20 декември, Царинската управа на Македонија излезе со демант дека не станува збор за неконтролиран и нелегален увоз на отпад, токму бугарската истрага за увоз на токсичен отпад од Италија, може да се рефлектира и во Македонија. Во трговската компанија „Блацион“ од Софија - увозник на отпадот во Бугарија, содружници се македонските државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој е и извршен директор на депонијата „Дрисла“ крај Скопје. Македонското Министерство за животна средина и просторно планирање соопшти дека нема да се меша во истрагата во Бугарија, но посочи дека депонијата „Дрисла“ нема дозвола за увоз на отпад, а со демант излезе и „Дрисла“: „Дозволите за увоз на отпад ги издава МЖСПП. Досега нема ниту една дозвола издадена за правното лице ‘’Дрисла’ ДОО за увоз на отпад... ‘Дрисла’ е компанија која има дозвола за вршење дејност - депонирање на отпад и затоа и не може да се јави како увозник на каков било отпад, ниту опасен ниту неопасен“.
Градоначалникот Петре Шилегов вчера изјави дека Градот Скопје ја превзема депонијата „Дрисла“, a денеска го разреши досегашниот директор Горан Ангелов, кој беше поставен од доскорешниот концесионер на депонијата „ФЛЦ Амбиенте“. За Ангелов пак, смената е нормален тек на настаните, со тоа што депонијата стана јавно претпријатие под контрола на градските власти.
Но, партијата Демократски сојуз побара темелна истрага за увозот на отпад во Македонија, во која треба да се вклучат службите за разузнавање и национална безбедност, МВР, како и Царинската управа и Министерството за животна средина, особено со акцент на „Дрисла“.
„Аферата во Бугарија за сомнителниот отпад од Италија ја наметнува потребата од непосредна соработка со бугарските власти, меѓу другото, бидејќи како увозник се јавува фирма каде што сопственички удел има и директорот на ЈП ‘Дрисла’, каде што се складира отпад. Важно е да се провери и тоа дали директорот на ‘Дрисла’, претпријатие што извршува функција за граѓаните од исклучителен јавен интерес, може да има фирма за трговија со отпад дома или во странство. Натаму, инспекторите за животна средина треба да направат вонредна контрола и проверка на сето она што се складира и гори во депонијата ‘Дрисла’, но и во други фирми што користат отпад во процесот на производство“.
И еколозите опстојуваат на своите барања. Во објавата на О2 Иницијативата се тврди и дека е „научно утврдено дека методот на мерење еднаш до два пати во годината, воопшто не ја дава точната слика за количината на ослободени диоксини и фурани, на тешки метали и дека е потребен автоматски континуиран мониторинг за да се види реалната слика на ослободените емисии во воздухот, како и дека во Македонија нема контрола на отпадот што се увезува. Борците за здрава животна средина потенцираат дека за разлика од Италија (каде истрага за трговијата со отровен отпад ја води Дирекцијата за истрага против мафијата), или од Бугарија, но и од Романија и Албанија, кои, секоја на свој начин, се борат со големиот проблем со трговијата на отровен отпад, само во Македонија, „официјални претставници барат од јавноста да има доверба, не се утврдуваат прекршоци, сè е како треба, само треба да им веруваме“.