Со трескавичен екот од ѕвонци и клопотарци, древните џоломари со нивниот застрашувачки изглед вчеравечер и рано утринава симболично ги избркаа демоните од старата година и отворија пат за новата година, со желби за успех, плодност, напредок.
Се работи за древниот обичај во кавадаречкото село Бегниште, кој се издвојува по тоа што ја задржал својата вековна форма и таков се пренесува од генерација на генерација. Обичајот се одржува за време на верскиот празник Василица. Притоа главни во ритуалното бркање на замислените демони се петнаесетина млади мажи од селото.
Повеќето од мажите ги црнат своите лица, ставаат долги волнени бради и мустаци, а на себе облекуваат наметки и качулки, од кои некои се стари и неколку генерации.
Нивна задача е да создадат што поголема врева за, како што се верува, да го избркаат лошото и негативните појави од старата година
На себе ставаат и ремени со ѕвонци и клопотарци, кои достигнуваат тежина и до петнаесетина килограми. Нивна задача е да создадат што поголема врева за, како што се верува, да го избркаат лошото и негативните појави од старата година. Симбол за старата година е карактерот баба, кој го игра млад маж, со шамија и црн превез на лицето.
Двајца од групата се преправаат во невести и тие ја симболизираат новата година. Преку нив се изразуваат и желбите за плодност, бериќет, успех, напредок во новата година.
Обичаи со слична тематика се одржуваат и во други населени места низ кавадаречкиот регион.