Се нарекува најважната врска на светот. И таа е една со многу напнатост. Како што се приближуваат изборите во САД, односите меѓу САД и Кина би можеле да станат уште понапнати.
За да видите како изгледа од Кина, Гласот на Америка отиде во Пекинг. Тоа е првпат да ни биде дозволено овде по четири години, по пандемичните ограничувања и тензиите меѓу САД и Кина што не спречија да добиеме визи.
Ги прашавме жителите на Пекинг што мислат за Џо Бајден и Доналд Трамп.
„Мислејќи на сопствената земја, кој и да биде избран, тој нема да биде добар за нас“, вели Сун, жителка на Пекинг.
„Зборувајќи како студент од Кина, повеќе го сакам Трамп. И покрај тоа што тој може прилично да претерува, тоа го прави за доброто на својата држава”, додава Ален, исто така жител на Пекинг.
Политиката на Трамп за Кина беше непредвидлива - наизменично меѓу остри напади и лична дипломатија со високи влогови.
„Имаше многу несогласувања меѓу САД и Кина. Но, сега има љубов“, изјави Трамп.
„Интересно е што многу од работите што тој ги прави некако всушност се усогласуваат со интересите на Кина”, вели Тао, жителка на Пекинг.
„Тој е само директен и понекогаш ги прави работите на начин што се чини дека објективно и помага на Кина”, посочува Хуанг од Пекинг.
Трамп воведе високи царини што ја погодија кинеската економија. Но, тој исто така ги затегна односите со многу сојузници на САД. Се повлекуваше или критикуваше многу групи во срцето на глобалниот поредок предводен од САД. Бајден, во меѓувреме, ги зајакна сојузите на САД, особено во Азија – што го загрижува Пекинг.
„Тој навистина претставува потрадиционален пристап. Ги нагласува сојузниците и се залага за идеолошки вредности. Мислам дека дури и го спроведе самитот за демократија наспроти автократијата”, смета Ванг Хиујао од Центарот за Кина и за глобализација.
И покрај тие несогласувања, врските се стабилизираа со Бајден - развој што го поздравија многумина во Кина.
„Не сакаме да видиме спирала надолу како што имавме порано. Ако тоа се случи, може да биде многу опасно не само за САД и Кина, туку и за светот”, додава Хуијао.
Како што се приближуваат изборите во САД, претстои многу неизвесност.