Димитриевски, Таравари и Османи ги собраа неопходните потписи за претседателска кандидатура

Професорката Ванковска има речиси осум илјади потписи, а градоначалникот Јакимовски над шест и пол илјади. СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ ќе ги официјализираат своите кандидати викендов и ги имаат неопходните 30 пратеници за да ја поднесат кандидатурата. Рокот за собирање потписи истекува на 8 март

СКОПЈЕ – Тројца од вкупно единаесетте кандидати за претседателските избори успеаја да ги соберат неопходните 10 илјади потписи од граѓаните и нивните имиња ќе се најдат на избирачките ливчиња во првиот круг кој ќе се одржи на 24 април.

Бујар Османи од ДУИ беше првиот кандидат кој успеа да ги собере потписите а вчеравечер тоа го сторија и Максим Димитриевски лидерот на „ЗНАМ“ и Арбен Таравари кандидат на коалицијата „Вреди“ кои успеаја да ја исполнат законската квота потписи. Тие преку социјалните мрежи соопштија дека потписите се собрани и им се заблагодарија на граѓаните за поддршка а тоа го потврди и Државната изборна комисија (ДИК).

Според официјалните податоци на ДИК, заклучно со вчера 27 февруари 20 часот, уште двајца кандидати се блиску до бројката од 10 илјади потписи.

Станува збор за професорката Билјана Ванковска, кандидат на „Левица“ на која и недостасуваат нешто повеќе од две илјади потписи и досега има собрано 7.876 потписи и градоначалник на Карпош и лидер на „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски, кој дојде до бројката од 6.676 потписи и му недостасуваат малку повеќе од три илјади.

Број на собрани потписи, извор: ДИК

Бројките на останатите шестмина кандидати за претседателската трка се трицифрени или двоцифрени и најверојатно нема да успеат да ги соберат потписите заклучно со 8 март кога истекува рокот на ДИК. Кандидатот Вело Марковски досега има собрано 924 потписи, а кандидатката Мерсиха Смаиловиќ добила 887 потписи.

Кога станува збор за кандидатите на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО – ДПМНЕ, нивните кандидатури ќе се официјализираат викендов.

Во сабота на партиски Конгрес ВМРО – ДПМНЕ формално ќе потврди дека кандидат на партијата е пратеничката и поранешна професорка Гордана Силјановска Давкова додека во недела истото ќе го стори и СДСМ кој ќе ја официјализира кандидатурата на актуелниот претседател Стево Пендаровски.

За разлика од останатите кандидати Пендаровски и Силјановска Давкова немаат потреба да собираат потписи за своите кандидати бидејќи предлогот може да го поднесат и 30 пратеници, но не се исклучува можноста и тие да го сторат тоа.