Сите членови на ДИК поднесоа оставка, освен еден

  • Синиша Станковиќ
Ермира Асани - Салија од „Беса“, е единствената која не поднела оставка. Собранието допрва треба да ги констатира оставките, но има знаци дека работата нема да оди „мазно“.

Под притисок на јавноста поради нетранспарентно доделените бонуси - високи парични износи, со интерна одлука, а наводно како награда за вложениот труд, осум од деветемина членови на Државата изборна комисија (ДИК) поднесоа оставки. В петок е сепак закажана нејзина седница, на која членовите во оставка ќе ги усвојуваат записниците од претходните седници.

Во јавен настап, американскиот амбасадор Џес Бејли ѝ обелодени на македонската јавност дека членовите на ДИК на затворена седница самите си поделиле парични надоместоци за својата работа околу локалните избори и во последните изборни циклуси, што предизвика остри реакции во јавноста, барања за морална одговорност – оставки, но и осудување на нереагирањето на членовите и на службите во ДИК, како и на Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Јас не ја започнав приказната со делење високи бонуси во Државната изборна комисија. Сите вработени таму го знаеја тоа, и не само во Комисијата. Јас го кажав мојот коментар за да почне здрава јавна дебата за тоа прашање“, изјавил денеска, според медиумите, амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли во Штип, на предавање на студентите на тема корупција, во кое потенцирал дека широко распространета корупција и слабото владеење на правото одат рака под рака и дека треба да постои организирано спротивставување и пријавување на корупцијата.

Но, и покрај реакциите во јавноста и на социјалните мрежи, Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, сè уште не добила предлог за верификација на оставките на членовите на ДИК.

Премиерот Зоран Заев исто така изјави дека и покрај оставката на речиси сите членови, ДИК треба да продолжи да работи сè додека Собранието не ги констатира оставките:

„Сите овие работи треба да бидат комплетирани за да можеме правно формално да ги спроведеме процедурите, вклучително и за комплетирањето на Владата“, рече Заев.

Сепак, и доколку предлогот за верификување на поднесените оставки, стигне до надлежната Комисија, фактот дека нејзин претседател е пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, партија која донесе одлука, нејзините пратеници да не учествуваат во парламентарните тела поради „немањето услови за работа по изречениот притвор на шестемина пратеници“, дополнително ќе ја искомпликува ситуацијата и да го пролонгира изборот на новиот состав.

За појаснување, по одлуката на Комисијата, претседателот на Собранието ги известува парламентарните партии, во рок од три дена да му достават предлог за нови членови, а доколку тие тоа не го направат во предвидениот рок, новите членови на ДИК ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Но, иако пленарна седница на Собранието ќе има и во петок, кога ќе се донесува Буџетот за 2018-та година, дел од медиумите денес веќе шпекулираа дека новиот состав на ДИК, како и предложените измени на законите за Судскиот совет, за укинување на Советот за утврдување факти и одговорност на судиите и за Законот за заштита на сведоци, кои се дел од бараните реформи од ЕУ, ќе следуваат дури по разврската околу лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, односно, ќе бидат на дневен ред, дури по 23-ти декември кога ќе се одржи конгресот на опозициската партија на кој ќе се бира наследникот на Никола Груевски.

Во Државната изборна комисија членуваат деветмина: претседател, потпретседател и седум членови, од кои шестмина, на предлог на партиите, а тројца од редот на експертите, ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за нов реизбор.

По реакциите во јавноста, од досегашниот состав на ДИК, оставки најпрвин поднесоа претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, кој беше од редот на експертите, и членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, потоа Субхи Јакупи од ДУИ, потпретседателот на ДИК Реџеп Прекопуца, и членот Атанас Урумов, кои беа од редот на експертите, додека последни поднесоа оставки, Силвана Бонева и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ. Единствена која не поднесе оставка е членката со најкус стаж, Ермира Асани-Салија од Беса, која впрочем, не добивала бонуси.

Во својата оставка Бонева, која беше предмет на нападите во јавноста, истакна, меѓу другото:

„Минатата недела членовите на ДИК беа посочени како типичен школски пример за корупција и подложени на јавен линч, со неосновани обвиненија и истовремено носење на пресуди, иако законски сме работеле, дека сме биле неморални... Отсуствуваше расправа и реакција и од страна на Собранието на Република Македонија, кое не` избра со двотретинско мнозинство на гласови, па без да се знаат фактите и Законот, станавме мета на излив на бес на јавноста, посебно насочен спрема мене, со клевети, лаги и шпекулации. Бруталните навреди, клевети, закани по живот преку социјалните мрежи и некролози кои се појавија за мене на електричните столбови низ Струмица, се целосна повреда на моите основни човекови права, честа и угледот, а сè во име на демократијата, правната држава и гласот на народот... Од овие причини, а заради зачувување на мојот личен интегритет како човек, ја поднесувам оваа оставка и ви благодарам за досегашната искажана доверба“, изјави Бонева.