ДИК ги потврди кандидатските листи за парламентарните избори

Кај три политички субјекти потребни се корекции во делот на кандидати и тие имаат рок од 24 часа да ги спроведат. Ждребот за редоследот на листите на гласачкото ливче ќе се одржи утре

СКОПЈЕ – По повеќе од една недела откако партиите и коалициите ги доставија кандидатските листи за парламентарните избори Државната изборна комисија (ДИК), на денешната седница Комисијата ги потврди речиси сите.

За пролонгирањето односно периодот од осум дена во кои јавноста но и партиите чекаа на потврда дали предложените кандидати од ДИК соопштија дека се должи на фактот што, како што предвидува законот барале проверка од државните институции односно судовите и тука имало извесен застој поради обемноста на материјалот.

„Сакаме да ја известиме јавноста и набљудувачите, во поглед на роковите за потврдување на листи да биде јасно дека процедурата согласно Изборниот закон е таква што за одредени документи кои треба да се прибават за секој кандидат поединечно се обраќаме по службена должност до надлежните судови кои ни доставуваат потврди од казнената евиденција за кандидатите односно проверката по службена должност. Ова е обемна и сложена операција која изискува повеќе време а судовите се оптеретени со работа за проверување податоци. Известуваме да нема забуни дека ДИК е во рамките на предвидените рокови и се вклопуваме за изборните дејствија“, изјави Борис Кондарко, член на ДИК.

Кандидатските листи за сите шест Изборни единици (ИЕ) на Коалициите „За европска иднина“ предводена од СДСМ, „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Европски фронт“ предводена од ДУИ, „Вреди“ како и партиите Левица, „ЗНАМ“ и „Македонска трета ера“ едногласно беа потврдени од членовите на ДИК.

Листите на партијата „Аваја“ за ИЕ3, ИЕ 4, ИЕ 5 и ИЕ 6, на „Твоја партија“ за ИЕ 1, ИЕ 2, ИЕ 3, ИЕ 4, како и на пртијата „Единствена Македонија“ за ИЕ 6 се потврдени.

Три партии имаат рок од 24 часа да ги докомплетираат листите. Кај партијата „Демократи“ потврдени се листите во сите изборни единици освен во шестата каде се чекаат корекции додека кај партијата „Родина“ корекции треба да се извршат во листата за третата изборна единица додека останатите се потврдени. Партијата „Нова Алтернатива“ на скопската градоначалничка Данела Арсовска нема доставено комплетирани листи.

„Некои работи се однесуваат до самите партии а некои до државните институции и органи кои треба да ни достават информации. За денес оваа точка е исцрпена и кога ќе добиеме дополнителни информации ќе постапиме и за листите кои сега не се потврдени“, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Кандидат за пратеник, според Уставот и Изборниот законик може да биде лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, наполнил 18 години и има деловна способност и не е осуден со правосилна одлука на затворска казна над 6 месеци чие издржување не е започнато или пак се наоѓа на издржување на казната.

На денешната седница беа усвоени неколку барања за акредитации од странски дипломатски претставништва и медиуми.

Од ДИК соопштија дека утре ќе се одржи седница на која ќе се изврши ждреб за редоследот на гласачкото ливче за парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.

Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април а ова ќе бидат единаесетти парламентарни избори од осамостојувањето на државата на 8 септември 1990 година.