Можностите и знаењата со кои располагаат младите девојки од помалите места во Северна Македонија, не се доволно искористени, иако има што да понудат. Тоа е пред сè поради нивната незаинтересираност за вклучување во секојдневните општествени текови, но и индолентниот однос на институциите на локално ниво, кои не ги користат нивните капацитети.
„Мора малку да зборуваме како да ги мотивираме, кога никој не ги слуша. Многу е тешко да се охрабрат девојките да учествуваат во одредени активности, бидејќи и кога сакаат да учествуваат не им се дава простор за тоа“, вели Сара Миленкоска, ко-основачка на мрежата „Стела“.
На неколкудневна обука, со дваесетина млади девојки од 15 до 25 годишна возраст, беше споделено искуство, како да ги зајакнат сопствените капацитети, во однос на женските права, родовата еднаквост и нивниот активизам.
„Во последните неколку години, забележуваме помал интерес од страна на младите луѓе. Во помалите средини се губи интересот и затоа што сè помалку луѓе остануваат. Нема интерес, нема желба од единствена причина бидејќи нема за кого“, вели Стефанија Арсова од организацијата на жените од општина Свети Николе.
Поради сето ова, тие сè повеќе се одлучуваат малото место на живеење да го заменат со некој поголем град.
„Можностите се секогаш ограничени. Една од препреките е незаинтересираност и немотивација на младите. Друга препрека е тоа што немаме никаква подршка за нешто да се смени во општеството. Постои можност да се покаже потенцијал кај младите, но со тек на времето целата мотивација е отидена на нула“, вели Евгенија Тасева од Свети Николе.
„Слушнете ги младите, имаат паметни работи да кажат. Не мора да имаш 40 години за да имаш нешто паметно да кажеш“, вели Ивана Данова од Кавадарци.
За работите да се променат, мора да се најде соодветен начини, како тие да останат во локалните средини. За тоа и локалните власти имаат голема одговорност, вели Миленкоска.
„За жал тоа е многу посистемски проблем во нашата држава, особено бидејќи немаме соодветен децентрализиран пристап. И кога сè е фокусирано во Скопје, кога не се зборува отворено, па кога и локалните институции и општини не ја препознаваат улогата на младите, многу е потешко да се искористи тој капацитет и она што го носат во себе за да го понудат како промена“, објаснува Миленкоска.
Но и менструалната сиромаштија, немањето младински центри во помалите општини, каде што би можеле да се изразуваат како млади девојки, се само дел од проблемите со кои тие се соочуваат.
„Потоа видовме дека се свесни за розовиот данок кој постои, односно колку повеќе една жена плаќа за менструалните производи, фризер и сè останато, меѓутоа тоа се пари кои ги нема заради родовиот јаз. И видовме колку им е значајно да се зборува за неплатениот труд, кој што како млади девојки веќе го искусуваат“, објаснува Миленкоска од мрежата „Стела“.
Локалната организација на жени во Свети Николе, кои ја организираа оваа обука, е само една од неколкуте во државата, кои во своите активности вклучуваат млади девојки и жени, со што се обидуваат да ги застапуваат нивните интереси и права.