Автопатот Кичево-Охрид кој се гради со кредит од кинеската Ексим банка, и понатаму руши рекорди. Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на Јавното претпријатие за државни патишта, утврдило дека за еден километар за оваа патна делница се трошеле и по девет милиони евра. Извештајот покажува и дека за 56,7 километри заклучно со декември 2022 година се потрошени приближно 512 милиони евра.
„За изградба на еден километар од оваа патна делница до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно девет милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра. И, покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, делницата Кичево -Охрид не е изградена“, велат од Државниот завод за ревизија.
Вкупното задолжување за овој проект досега изнесува 685 милиони долари, констатира ревизија. Основни причини за забавената динамика за изградба на патот, кој се гради цела една деценија се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот, односно подизведувачот.
„До денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта под делница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства“, велат од Државниот завод за ревизија.
Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.
57 километри долгата автопатска делница требаше да биде готова до 31 декември 2023 година. Но откако стана повеќе од јасно дека и овој рок ќе биде пробиен, сега поранешниот премиер, Димитар Ковачевски во ноември минатата година, најави можност за раскинување на договорот со кинеската компанија, Синохидро, која го гради патот. Но, Владата на седницата одржана на 28 декември, лани донесе одлука, Кинезите да продолжат со градба.
„Одлуката е донесена по информацијата од Јавното претпријатие за државни патишта, базирана на доставени наоди од главен надзор и надзор на тунел, дека поради реални причини, има потреба од продолжување на крајниот рок, 31 декември 2023 година, за изведба на градежните работи на овој автопат, а при тоа земајќи го предвид фактот за досега реализираниот висок степен на физички извршените работи и решени отворени прашања“, велат од Влада на РСМ.
Инаку експертот од меѓународната федерација на консултантски инженери, кој го ангажира владата, а кој изврши анализа на проектот, препорача пријателско помирување меѓу две страни, а Синохидро да продолжи да гради. Крајниот рок двете страни заедно треба да го утврдат.
До кога сега ќе се гради автопатот, од Јавното претпријатие за државни патишта велат новиот рок дополнително ќе биде одреден.
„Владата донесе заклучок со кој ги овласти кабинетот на потпретседателот на Влада за економски прашања, во координација со економските ресори и инвестиции, министерството за транспорт и врски и јавно претпријатие за државни патишта да отпочнат преговори со изведувачот за склучување на анекс на договор за продолжување на рок на изведба, со искорисгување на веќе обезбедените финансиски средства од вториот заем за доизградба на автопат Кичево – Охрид. Преговорите се уште траат“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, целиот тим,од изведувачи, надзор, проектанти, професори од градежен факултет, вчера 7 февруари, ја посетија трасата, каде беше направен увид во новонастанатите свлечишта и одблизу ги детерминираа проблемите во реализација на проектот.
„Ги ставаме сите ресурси на располагање, професори инженери и проектанти во функција со цел решавање на новите 13 свлечишта кои се појавија на оваа автопатска делница, како најисправна одлука за граѓаните и цела држава“, вели Бочварски.
Овие свлечишта и тоа како го отежнуваат продолжувањето на работите на оваа автопатска делница. Автопатот Кичево-Охрид, почна да се гради во 2014 година. Првично требаше да биде готов во 2018 година и досега достигна сума од околу 600 милиони евра, со што е најскап пат во Европа.