Десет илјади евра. Толку изгубил македонски државјанин при измама во трговија со криптовалути. Случајот бил пријавен во МВР, а го истражува одделот за компјутерски криминал.
Тоа е една од четирите пријави годинава за оштетени македонски граѓани во трговијата со криптовалутите. Тројца од оштетените се од подрачјето на СВР Охрид, а еден е од подрачјето на СВР Велес.
„Во првиот случај се работи за повлекување парични средства преку инсталирана програма ‘Supremo Mobile Assist’, при што од трансакциска сметка на пријавителот биле повлечени 224.457 денари, а износ од 99.000 денари биле резервирани“, велат од МВР во одговор за Гласот на Америка.
Во вториот пријавен случај македонски граѓанин изгубил сума од 250 евра, купувајќи криптовалути преку непроверен линк. Третиот случај е со сумата од 10.000 евра. Четвртиот, пак, според објаснувањето од МВР е следниот:
„Се работи за доведување во заблуда дека пријавителот ќе поврати претходно изгубени средства на ‘Foretrade’, по што споделил податоци од сметка на ‘Binance’ и ‘Комерцијална банка’. Веднаш после тоа од страна на ‘Binance’ сметката биле одземени 1474,5 долари, а од „Комерцијална банка“ уште 850 долари“.
Поведени од овие примери, неодамна една од домашните банки упати и предупредување до клиентите:
„По укажувања од МВР за измами преку наводни инвестиции во крипто валути АПЕЛИРАМЕ да бидете внимателни каде и како ги откривате вашите лични финансиски податоци“.
Криптовалутите станаа повторно атрактивни после претседателските избори во САД. Биткоинот до 5ти ноември, денот кога беа изборите, вредеше нешто над 69.000 долари. За неполн месец од тогаш надмина вредност од 95.000 долари. Токму тој раст и атрактивност отвораат можности за заработки, но и за бројни ризици и измами.
Еден од советите на познавачите е да се внимава во кои криптовалути се вложуваат средствата.
„Не треба да се верува на секоја криптовалута. Има многу криптовалути коишто најверојатно ќе исчезнат. Позади нив не стои сериозна организација, нема некоја сериозна технологија, ќе немаат некоја сериозна примена“, укажува универзитетскиот професор и претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија при Сојузот на стопанските комори на Македонија, Орце Симов.
Професорот укажува дека е неопходно пред какво било вложување да се направи сериозна анализа.
„Многу добро проучување на криптовалутата во којашто се планира да се инвестира, која е нејзината позадина, каков тим стои позади таа валута, на кои берзи се тргува, дали ја прифатиле на сериозни берзи за тргување“, советува Симов.
Слични насоки наведува и Дарко Симуновски, познавач на криптопазарот и автор на книгата „Фундаменти на криптоиндустријата“.
„Опасноста е кога некој не знае што прави. Тоа е најголемата опасност. Значи, мора едукација. Тоа е една работа. Втора работа е во тоа дека треба да се инвестира само одреден дел, само тоа што луѓето можат да го стават под ризик. Секое инвестирање си има свој ризик. Да бидеме јасни, без разлика, може и со акциите да биде ризично, апсолутно“, вели Симуновски.
Според Симуновски, само дваесет проценти од валутите на криптопазарот можат да се сметаат за постабилни.
„Голем дел од криптовалутите, можеби 80 отсто од сите тие илјадници токени што постојат на пазарот се базирани чисто на шпекулација. Меѓутоа има и дваесетина отсто, за кои би рекол дека се квалитетни проекти. Начинот на функционирање е малку централизиран и функционирањето зависи од луѓето што стојат зад проектот“, објаснува Симуновски.
Двајцата познавачи советуваат, држете се до докажаните крипто валути.
„Најдобро е да се инвестира во неколкуте познати криптовалути што се наоѓаат меѓу првите 10 на листата“, посочува Симов.
„Биткоин е локомотивата што ги влече и другите вагони, односно другите криптовалути. Сè зависи од биткоинот“, вели Симуновски.
Во Северна Македонија засега нема јасна регулација за тргувањето со криптовалутите, додека плаќањето со нив, не е дозволено. Познавачите советуваат, носењето регулатива, ќе донесе побезбедно тргување, но и бенефити за граѓаните и за државата.
„Тргувањето на тие берзи изнесува околу 300 милијарди долари дневно. Од сето тоа заработуваат тие што ги поседуваат тие менувачници. За нив останува одреден процент, а тоа се значителни суми пари. Доколку ние како земја тоа го овозможиме законски, доколку и тука функционираат такви менувачите и компании што ќе го прават тоа, тогаш во Македонија ќе остануваат одредени вредности“, вели Симов.
„Кога би се случило такво нешто, ние тогаш ќе можеме да донесеме голем прилив на странски инвестиции во овој сектор. Сè уште сме во светска адаптација на криптоиндустријата, така што се надевам дека тоа што поскоро би се случило. Така ќе донесеме многу инвестиции, како и отворање на многу работни места и прилив од даноци во буџетот на Македонија“, посочува Симуновски.
Додека да се донесат регулативи, останува на граѓаните самите да бидат внимателни каде и како ги вложуваат сопствените средства.