Геополитичките движења и борбите за проширување на сферите на интерес во светот се чини дека директно се одразуваат на ограничување на демократските права на граѓаните во многу држави. Паралелно со тоа дигиталните технологии се повеќе се унапредуваат и отвораат можности за злоупотреба. Како што дезинформациите и поларизацијата се засилуваат, креаторите на политиката го поставуваат прашањето како да се помогне во одбраната на демократијата од овој растечки предизвик.
Професорката од Школата за глобални прашања Кеоу на Универзитетот Нотр Дам, Лиса Ширч, решението го гледа во насочена употреба на соодветните дигитални технологии за одбрана на демократијата, што ќе рече поголема безбедност на интернет и точни информации.
„Технологијата претставува екстремна закана за интегритетот на демократијата и за изборите ширум светот, не само овде во Соединетите Држави, туку и во многу земји. Големите технолошки компании треба да престанат да користат алгоритми засновани на активности на корисниците, и наместо тоа, да се фокусираат за забавување на ширењето на дезинформации и лажни слики и пропаганда креирани со вештачка интелигенција од странски земји кои се обидуваат да не поделат“, вели Лиса Ширч, професрока на Школата за глобални прашања Кеоу.
Зборувајќи конкретно за САД, таа уверува дека не е во интерес на никого да се шират лажни информации со кои само се продлабочуваат поделбите.
Ендрју Коња, извршен директор и ко-основач на софтверска стартап компанија Ремеш од Њујорк е загрижен за улогата на вештачката интелигенција во изборните процеси.
„Таа е алатка што потенцијално може да се користи за создавање форми на дезинформации, за манипулирање со луѓето и за овозможување на софистицирани напади со цел да се постигнат нелегитимни исходи“, рече Ендрју Коња, извршен директор и ко-основач на софтверска стартап компанија.
Според Коња, вештачката интелигенција има две употреби - за претставување на сублектите во подобра или во полоша светлина. За жал, останува на избирачите, вели тој, да бидат внимателни, зашто создавање дистопија е реална опасност.
„Важно е да се изберат луѓе кои се писмени и компетентни во нивното разбирање за начинот на кој вештачката интелигенција ќе влијае на нашиот свет пошироко, и на државите и изборните единици за кои се избрани, на начин што ќе се осигура дека тие може да пристапат кон законодавството и да управуваат со појавата на овие нови технологии на начин што е корисен и корисен и го прави човештвото подобро“, додаде Коња.
Експертите препорачуваат да се поттикне посилен граѓански ангажман, да се изгради доверба во јавните институции и да се подобри разбирањето на политичките прашања со вештачката интелигенција, за да можат креаторите на политиките, тинк-тенк организациите, технолошките организации и граѓанското општество да го запрат бранот на демократското назадување.
Собирот во Вашингтон беше еден од многуте што следат на оваа тема. Темата е особено актуелна во ова време на избори кога станува многу полесно да се манипулира мислењето на избирачите. Оттука, дигиталната технологија, зависно од тоа како се користи, може значително да одмогне или да помогне во заштитата на демократијата.