Додека новоизбраниот претседател Доналд Трамп се подготвува да ја преземе власта со републиканското мнозинство во двата дома на Конгресот, некои демократски гувернери сакаат да го ограничат неговото влијание врз нивните сојузни држави.
„Ако се обидете да им наштетите на њујорчаните или да ги отфрлите нивните права, ќе се борам против вас на секој чекор од патот“, вели гувернерката на Њујорк, Кејти Хочал.
Хочал и гувернерот на Илиноис, Џеј-Би Прицкер реагираа брзо.
„Посегнете по мојот народ, ќе се соочите со мене“, рече Прицкер.
„Повикуваме на вонредна специјална седница на нашиот сојузен законодавен дом, цврсто фокусирана на вредностите што ги негуваме, а кои мислам дека се универзални вредности. Тоа се американски вредности“, нагласи Гевин Њусом гувернерот на Калифорнија.
Њусом свика специјална седница на сојузното собрание за да се подготви за, како што вели неговиот кабинет, „новата федерална администрација која ѝ се заканува на државата на повеќе фронтови“.
По неговата победа, Трамп објави на Truth Social дека Њусом, цитирам „се обидува да ја УБИЕ прекрасната Калифорнија“, рече Трамп велејќи дека „Калифорнија е хаос“.
Трамп често вели дека прогресивните политики на сојузната држава придонесуваат за криминал, бездомништво и неовластена имиграција.
За време на првото претседателство на Трамп, Калифорнија ја тужеше администрацијата над 100 пати, успешно бранејќи ги државните политики за имиграција, стандардите за емисија на возила и пристапот до здравствена заштита.
Говорејќи неодамна во близина на мостот Голден гејт во Сан Франциско, јавниот обвинител на Калифорнија Роб Бонта рече дека неговиот тим планира да започне со поднесување судски спор веднаш штом Трамп ќе ја преземе функцијата.
„Господин Трамп постојано ги пречекоруваше своите овластувања меѓу 2016 и 2020 година. Нема причина да мислиме дека нема да го повтори тоа. Го проверивме и го запревме и го турнавме назад кога се обиде да привлече внимание“, истакна Бонта.
За време на кампањата во Лос Анџелес во септември, Трамп ги нападна лидерите на Калифорнија и нивното управување со сојузните ресурси.
„Ќе ја осигурам вашата безбедност. Ќе ви дадам одлична граница и ќе ви дадам повеќе вода отколку што има речиси кој било“, најави Трамп.
Калифорнија потрошила над 41 милион долари бранејќи ги законите и политиките за време на првото претседателство на Трамп, според непрофитната организација КалМетрс.
Кога државните законодавци ќе се состанат во декември, демократските лидери велат дека ќе гласаат за итно финансирање за да ја блокираат администрацијата на Трамп од депортирање имигранти, ограничување на репродуктивните и граѓанските права и враќање на еколошките регулативи во најнаселената американска држава.