Дел од политичките партии го оспоруваат назначувањето на Лафчиски за началник на Генералштабот

Алијанса за Албанците на Зијадин Села реагира дека генерал-мајорот Лафчиски неправедно станал началник зашто му го заземал местото што му припаѓало на офицер Албанец

На интернет страницата на Армијата веќе е сменета информацијата за тоа кој е началник на Генералштабот. Но, Сашко Лафчиски само што ја презеде функцијата се соочи со критики, кои дојдоа од дел од политичките партии, кои го оспоруваат неговото поставување за прв човек на Армијата.

Алијанса за Албанците на Зијадин Села реагира дека генерал-мајорот Лафчиски неправедно станал началник зашто му го заземал местото што му припаѓало на офицер Албанец.

„Сашко Лафчиски од бригаден генерал се издигна во чин генерал-мајор и беше назначен за шеф на Генералштабот на Армијата од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, што предизвика многу реакции во јавноста, особено во армијата. Но, ова брзо поминува бидејќи тој го зазема местото на еден Албанец, на кое според, професионалните заслуги и законските услови требаше да биде генерал Бесник Емини. Г-дин Лафчиски не ги исполнува потребните услови за оваа позиција, односно е четири нивоа под стандардите кои се бараат за шеф на Генералштабот. Како бригаден генерал, Лафчиски нема 4 години искуство како што бара законот за да може да биде именуван за генерал-мајор, што автоматски значи шеф на Генералштабот “, пишува попретседателот на Алијанса за Албанците, Кренар Лога.

Your browser doesn’t support HTML5

Се проблематизира изборот на Лафчиски

Од кабинетот на претседателката и врховен командант, Гордана Сиљановска-Давкова, која го унапреди Лафчиски во генерал-мајор и го потпиша указот за негово поставување за началник на Генералштабот, се` уште нема одговор на обвинувањата за прекршување на постапката за назначувањето на Лафчиски кој вчера, на одбележувањето на 32 годишнината од формирањето на Армијата, официјално ја презеде функцијата.

Лафчиски ги уверува сојузниците дека ќе продолжи по утврдениот НАТО пат и во исполнување на целите.

„Армијата ја преземам во сложени геополитички услови. Руската агресија врз Украина ја нематна потребата за подигање на оперативноста на армијата. Нашите НАТО сојузници може да сметаат дека ќе продолжам со исполнување на нашите НАТО цели и плановите за развој и одбрана“, вели Лафчиски.

Според биографијата, 47-годишниот Сашко Лафчиски речиси 30 години е во армиските структури – се образовал на Воената академија, а се едуцирал и во САД.

Од 1999 до 2008 година бил во специјалните единици, од 2008 до 2012 бил во Здружената команда на НАТО во Неапол.

Потоа, пак се враќа во специјалните единици каде останува до 2021 кога ја презема Првата пешадиска бригада. Во 2022 е унапреден во чин бригаден генерал.

Доброупатени безбедносни извори на Гласот на Америка, кои не сакаа да бидат именувани, велат дека станува збор за добар офицер со завидно армиско и искуство во мисии во странство, како што е Ирак.