Демократот Тим Кејн и републиканецот Мајк Пенс имаа дуел во вторникот навечер, на единствената потпретседателска дебата на кампањската сезона 2016-та.
Дебатата се одржа на Универзитетот Лонгвуд во Фармсвил, Вирџинија -- сојузната држава што ја претставува Кејн во американскиот Сенат. Тој е на ливчето на Хилари Клинтон. Пенс, изборот на Доналд Трамп за потпретседател, е гувернер на Индијана.
Двајцата имаа голем залог, зашто, како што многумина велат, би биле едно срцево отчукување од претседателската функција.
Кејн ја отвори дебатата со одговарање на прашањето зошто би бил подготвен за оваа работа, зборувајќи за неговото искуство како политичар кој служел како член на градскиот совет, градоначалник, заменик гувернер и американски сенатор.
Тој ја бранеше Клинтон велејќи дека таа има страст да им служи на другите со тоа што нив ги става пред себе, додека Трамп себе си се ставал прв. Тој кажа, кога Клинтон станала државна секретарка, Осама бил Ладен бил жив и Иран градел нуклеарен арсенал.
Пенс кажа дека тој исто така има животно искуство на растење во мал град во Индијана, за да стане гувернер на сојузна држава.
Тој го бранеше Трамп обвинувајќи ги Клинтон и Кејн за водење кампања со навредување.
Кејн и Пенс се согласија за успехот на системот на "соседска полиција" како начин за намалување на насилството. Но освен тоа, тие не се согласија по ништо друго. Пенс кажа дека Клинтон ја омаловажува полицијата со обвинувањата за имање расни предрасуди, додека Кејн кажа дека тоа е прашање за кое треба да се дискутира.
Кејн побара Трамп да ги објави даночните документи додека Пенс го бранеше милијардерот како паметен бизнисмен кој креирал илјадници работни места.
Но Кејн рече дека предложените даночни олеснувања од страна на Трамп ќе им користат на богатите враќајќи ја земјата назад во рецесија.
Пенс контрираше со критикување на економските планови на Клинтон како такви што само ќе ги зголемат даноците и расходите.
Двајцата често зборуваа еден преку друг за што беа опоменати од модераторката, која рече дека публиката не може да разбере што велат.