Партиите дебатираат за реформа на изборниот модел

Your browser doesn’t support HTML5

Една изборна единица, три, четири, или повеќе, отворени листи или не – ова се само дел од прашањата за кои веќе се дебатира во политичките кругови, а кои се начнаа во рамките на дебата за реформа на изборниот модел во Северна Македонија – нешто за што и ОБСЕ/ОДИХР зборува во своите извештаи во изминатите изборни циклуси.

„Критичарите на актуелниот изборен модел истакнуваат дека неговите ефекти се во зголемена централизација на политичките партии, малиот простор за внатрепартиско демократско одлучување, развојот на политичкиот клиентелизам и помалата одговорност за својата работа“, изјави претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Владата уверува дека ќе ги следи и ќе ги вгради сугестиите на експертите, невладиниот сектор за тоа во која насока треба да се движи реформата.

„Бидете уверени дека јас како премиер и владата на Северна Македонија со најголемо внимание ќе ги разгледаме сугестиите што ќе дојдат од вас. На тоа не обврзуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија“, рече премиерот Зоран Заев.

И меѓународната заедница порачува дека за вакви измени неопходна е поддршка од сите политички актери.

„Една од клучните препораки на Венецијанската комисија е дека изборни правила се менуваат само во консензус на сите политички партии“, реле министерката за правда, Рената Дескоска.

Засега ваков консензус не постои зашто ВМРО-ДПМНЕ турка мнозински изборен модел, ДУИ не е расположена за една изборна единица, а опозициската Алијанса за Албанците вели дека е за модел со дури осум изборни единици.