Дарко Симуновски: Биткоинот е дигитално злато, треба да стане дел од македонските државни резерви

Your browser doesn’t support HTML5

Веќе постои проценка дека околу 30.000 луѓе во Македонија имаат некој вид крипто валути, нешто чуваат, така вели Дарко Симуновски, макроекономски аналитичар и познавач на состојбите со криптопазарот и додава дека тргувањето со криптовалутите сè уште е сива зона во македонското општество.

Веќе постои проценка дека околу 30.000 луѓе во Македонија имаат некој вид крипто валути, нешто чуваат, така вели Дарко Симуновски, макроекономски аналитичар и познавач на состојбите со криптопазарот.

Симуновски, во разговор за Гласот на Америка, укажува дека тргувањето со криптовалутите сè уште е сива зона во македонското општество.

„Кај нас е ниту легално, ниту нелегално. Нема концизни и јасни регулации. Кога би се случило едно такво нешто, тогаш ние можеме да донесеме голем прилив на странски инвестиции во овој сектор, затоа што сè уште ние сме во светска адаптација на криптоиндустријата. Така што се надевам дека тоа што поскоро би се случило, ќе донесеме многу инвестиции и отворање, секако, на многу работни места и прилив од даноци во буџетот на Македонија“, вели Симуновски.

Нашиот соговорник е автор на книгата „Фундаменти на криптоиндустријата“. Во неа го нагласува биткоинот како најстабилна криптовалута.

„Биткоин е дигитално злато. За разлика од другите криптовалути, функционира на некој начин како берзите. За тие криптовалути што имаат одреден проект, затоа што голем дел од криптовалутите, можеби 80 отсто од сите тие илјадници токени што постојат на пазарите, се базирани чисто на шпекулација. Кај биткоинот е сосема различно. Тоа е дигитално злато. Тотално децентрализиран, нема ентитет што може да го контролира и тука е убавината во биткоинот“, објаснува Симуновски.

Според Симуновски, една од причините за повторното растење на цената на биткоинот, после изборите во САД, е очекувањето дека таа криптовалута ќе стане дел од националните резерви на Соединетите држави.

„Моите очекувања за 2025, доколку американската влада не го земе биткоин како национални резерви, тогаш цената би била некаде околу 140.000 долари минимум. Но, ако американската влада одлучи да оди со национални резерви за биткоин, верувам дека тоа и други влади ќе го следат, тие што се попаметни и што побрзо сакаат да реагираат на овие трендови, сметам дека тоа може да го вивне биткоинот дури и што јас, како биткоин оптимист, мислам дека може и моите очекувања да ги премине и да видиме некои навистина нови луди рекорди од над 300.000 или 400.000 долари“, смета Симуновски.

Советите и до македонската влада се исто така да се фати чекор со случувањата на криптопазарот.

„Уште пред две години повикував Македонија да ги прифати крипто валутите и исто така да го стави биткоинот како национални резерви. Ако тогаш ние го направивме тоа, ако властите ме послушаа, Македонија сега ќе имаше некаде скоро петстотини проценти профит на тие инвестиции што би ги направиле пред две и пол години. Се надевам дека тоа што побргу ќе се случи затоа што не сакам Македонија да заостанува како што застанува во други работи во технологиите. Не сакам и во ова да бидеме многу назад, на крајот од сите тие случувања“, укажува Симуновски.

За граѓаните, пак, советот е да внимаваат доколку се решат да вложат средства. Не сите крипто-пари се за почетници.

„Секоја инвестиција, да има ризик, и луѓето треба да знаат дека можат да го сносат тој ризик за да влезат во криптовалутите. Тоа зависи од тимот што стои зад тој проект. Исто така, тие што ги спомнав, преку 80 отсто токени, крипто валути, се доста ризични, се базира на шпекулација. Тие се популарно меме токените, а и некои централизирани проекти што зависат од корпорации. Затоа јас го кажувам биткоинот како сигурна опција во крипто-светот за почетниците. Оние, пак, што веќе навлегле и ја изучуваат крипто-индустријата можат и да пробаат со другите крипто валути. Но, сепак, јас би сугерирал да речеме топ 25 криптовалути би биле посигурни за почетниците. Но, секако биткоин пред сè“, заклучува Симуновски.