Дали на Северна Македонија ѝ е потребно враќање на задолжителното служење воен рок?

Дел од земјите во регионот веќе најавија враќање на задолжителниот воен рок. Фото: Прием на нови професионални војници во Македонската армија

Мислам дека би требало барем три месеци да има задолжително служење воен рок, затоа што со промените кои настанаа во последно време и политичко-безбедносната ситуација треба нешто да се преземе, вели Илија Николовски, армиски генерал во пензија.

Северна Македонија треба да го врати задолжителното служење на војска, смета дел од стручната јавност. Според Илија Николовски, армиски генерал во пензија, тоа е добро да се направи поради актуелните безбедносни состојби, но оти за тоа треба да се отвори поширока јавна расправа и да се видат искуствата од земјите во регионот.

„Лично мислам дека би требало барем три месеци да има задолжително служење на воен рок, затоа што со промените кои настанаа во последно време и политичко-безбедносната ситуација треба нешто да се преземе иако многу тешко е да се преземе, бидејќи не можеме да ги гледаме работите како биле некогаш, кога до 28 години никој не можеше да замине во странство“, вели Николовски.

Your browser doesn’t support HTML5

Различни мислења за служење воен рок: Дали одење во војска да стане задолжително?

Мислам дека би требало барем три месеци да има задолжително служење на воен рок
Илија Николовски, армиски генерал во пензија

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Васко Ѓурчиновски, смета дека не треба да се избрзува со носење на одлука за задолжителен воен рок.

„Сметам дека нема потреба во моментот да се избрзува со задолжително служење на воениот рок. Затоа и времето ќе покаже, но ние не треба да ги следиме, бидејќи нема апсолутно никакви ризици по националната безбедност и да брзаме и да носиме одлуки, како некои земји членки на НАТО и надвор од него, кои веќе преземаат одредени мерки“, смета генералот Ѓурчиновски.

А претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, неодамна изјави дека треба да се оди во војска, но доброволно.

Гордана Сиљановска - Давкова: Мислам дека има луѓе кои би сакале да служат воена обврска доброволно

„Да мислам дека треба да се размислува. Мислам дека има луѓе кои би сакале да служат воена обврска доброволно и зошто тоа да не го дозволиме. Мислам дека тогаш уште попозитивен ќе биде односот и кон армијата. Треба да се отвори темата, треба да се разговара, треба да се слушнат аргументите“, изјави Сиљановска Давкова.

Нема потреба во моментот да се избрзува со задолжително служење на воениот рок
Васко Ѓурчиновски, Началник на ГШ на Армијата на РСМ

Сепак, уште од 2006 година, со укинувањето на задолжителното служење војска, со Законот се предвидува можност за доброволно служење. Затоа, вели Николовски, има разлика помеѓу доброволно и професионално служење војска.

„Има разлика, затоа што ако по завршувањето на три месеци обука, ако не сака да биде професионален војник тој ја напушта армијата. Со професионално служење воен рок тој склучува договор на четири години, три пати по четири години“, вели Николовски.

Професионална служба завршува со наполнување на 45 години. Но потоа со можност за вработување во некој од органите на државната управа или пак добивање на 20 просечни плати.

Дел од земјите во регионот веќе најавија враќање на задолжителниот воен рок. На пример во Хрватска тоj ќе стартува од 1 јануари 2025 година, иако сè уште не е одлучено дали ќе биде два или три месеци. Такво размислување има и во Србија, а широка дискусија се води и во Бугарија.