Врховниот суд на САД одлучи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп не може да ја укине Програмата за одложено пристигнување деца во САД, позната како ДАКА, која штити од депортација најмалку 650.000 лица.
Конзервативниот судија Џон Робертс се приклучи кон либералните судии, со што одлуката беше донесена со 5 наспроти 4 гласа.
Оваа одлука е спротивна на обидите на Трамп да ја стопира програмата изминативе две години.
ДАКА беше формирана во 2012 година од страна на тогашниот претседател Барак Обама, со цел да се обезбеди заштита за млади имигранти, кои се квалификуваат да работат и да се школуваат во САД.
Според судијата Робертс, администрацијата не ги следела законските процедури, и оти соодветно не ги проценила последиците од укинување на програмата врз нејзините корисници.
Претседателот Трамп реагираше на Твитер, критикувајќи ги, како што рече „лошите и политички мотивирани одлуки на Врховниот суд“.
Унијата за граѓански слободи во САД ја поздрави одлуката на Врховниот суд.
И поранешниот претседател Обама реагираше на Твитер, нагласувајќи оти е среќен за овие лица и за нивните семејства.
„Можеби изгледаме различно и доаѓаме од секаде, но, она што не` прави Американци се нашите заеднички идеали“, напиша Обама на Твитер.